Стриминг-сервисот „Дизни +“ го објави првиот трејлер на новиот филм базиран на детскиот класик „Сам дома“. Се вика „Хоум свит хоум алоун“ и излегува за помалку од еден месец.
Главниот лик на филмот, 10-годишниот Макс Мерсер, го глуми Арчи Јејтс, кој стана познат по улогата во филмот „Зајакот Џоџо“ (2019). Како и во случајот со првиот филм од франшизата „Сам дома“, неговите родители по грешка заборавиле да го однесат на семеен одмор, овој пат во Токио. Меѓутоа, Макс исто така може да се грижи за себе, па дури и да се спротивстави на брачна двојка криминалци, кои имале намера да го ограбат неговиот дом.
Режисер на филмот е Ден Мејзер. Во споредните улоги играат Ели Кемпер, Роб Дилејни, Кинан Томпсон и Пит Холмс.
Дали Макс Мерсер е поголем кошмар за провалници од Кевин Мекалистер, кого Меколи Калкин мајсторски го интерпретираше во првите два дела од серијалот „Сам дома“, ќе дознаеме на 12 ноември, кога премиерно ќе се прикаже филмот на стриминг-платформата „Дизни +“.