Американската вселенска агенција (НАСА) сподели детали за својата програма „Артемида“, во чии рамки планира да ги испрати првата жена и „следниот“ маж на површината на Месечината во 2024 година. Во изминатите 18 месеци, откако НАСА прифати храбар предизвик да ги забрза плановите за истражување на површината на Месечината до крајот на оваа деценија, агенцијата исто така доби интензитет кога станува збор за испраќањето луѓе на Месечината, првпат по последната лунарна мисија на „Аполо 11“ во 1972 година.
– Се враќаме на Месечината за научни откритија, економски придобивки и инспирација за новите генерации истражувачи. Додека градиме одржливо присуство на Месечината, исто така сме поблиску до првите човечки чекори на Црвената Планета (Марс) – изјави директорот на НАСА, Џим Бриденстин.
НАСА го бележи напредокот на својата програма „Артемида“, додека новата моќна ракета „Спејс ланч систем“ (СЛС) и вселенското летало „Орион“ се поблиску од кога и да е до нивното прво интегрирано лансирање.

Леталата се во завршна фаза на тестирање, што ќе кулминира со клучен тест за издржливост на топлина оваа есен. По успешното тестирање на топлина, леталата ќе бидат испратени до вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. Потоа НАСА заеднички ќе ги лансира СЛС и „Орион“ на пат околу Месечината за да ги тестира нивните перформанси, безбедноста и комуникациските способности. Првата мисија наречена „Артемида 1“ треба да се изврши веќе во 2021 година, но без астронаути. Мисијата „Артемида 2“ е планирана за 2023 година, заедно со екипаж. Операцијата за лансирање на вселенското летало во орбитата на Месечината се нарекува фаза „Артемида 3“, која вклучува слетување на првите астронаути на лунарниот јужен пол.
Носејќи модерни вселенски костими, кои овозможуваат поголема флексибилност и движење отколку оние што се користеле во мисијата „Аполо 11“, астронаутите ќе собираат примероци на Месечината и ќе извршат серија научни експерименти во текот на првите седум дена од нивниот престој на Месечината.

Од НАСА исто така појаснија дека постепената акумулација на инфраструктурата на површината на Месечината ќе следува подоцна во текот на оваа деценија, што ќе овозможи експедиција на површината со повеќе членови на екипажот. Тоа би значело изградба на база „Артемида“, која би се карактеризирала со нови ровери, електроенергетски системи и живеалишта на површината на Месечината поради долгорочно истражување.