Американската вселенска агенција (НАСА) ќе и плати на компанијата за собирање примероци од Месечината само еден долар, откако оваа понуда била прифатена како најдобра.

Изминатиот четврток, компанијата „Лунар Аутпост“ доби договор за собирање примероци за американската вселенска агенција. Тоа е еден од четирите договори потпишани од НАСА како дел од програмата за собирање ресурси од Месечината.

Други победници од понудувачи се компаниите „Мастен Спејс Системс“ со седиште во Калифорнија и „Ај Спејс“ со седиште во Токио заедно со европска подружница.

НАСА ќе им плати на компаниите за индивидуални примероци од лунарната почва, со тежина меѓу 50 и 500 грама.

– Компаниите ќе соберат примероци, а потоа ќе ни обезбедат визуелни докази и други податоци за тоа што го собрале – изјавил портпаролот на НАСА.

Компанија „Лунар Аутпост“ е специјализирана за роботика и е со седиште во Колорадо. На неа ќе и биде платен еден долар за да собере примероци од карпи од јужниот пол на Месечината. Парите не се мотивација за вакви компании.

– Планот е мисијата да биде организирана во 2023 година, но ние работиме со неколку различни компании за слетување, што може да резултира со поран датум на лансирање – изјави Џастин Сајрус извршниот директор на „Лунар Аутпост“ за Би-би-си.

Од мисијата се очекува да се добијат голем број научни придобивки, како што е овозможување на фирмите да работат на вадењето ресурси од површината на Месечината.

Извршниот директор на „Лунар Аутпост“ го нарече тоа „клучна промена во начинот на размислување за истражување на вселената“.

Компанијата преговара со „Блу Ориџин“ а неколку други компании работат на обезбедување летови кон Месечината. „Блу Ориџин“ е компанија за истражување на вселената основана од сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос, најбогатиот човек во светот.

Меѓу победничките компании е и јапонскиот „Ај Спејс“ на која ќе и бидат исплатени 5.000 долари за собирање примероци од североисточната страна на Месечината.