Американската вселенска агенција НАСА објави упатства за производство на ѓердан со помош на 3Д-печатач што ќе ги спречува луѓето да го допираат лицето. За да ги предупредат луѓето да не го допираат своето лице, тројца инженери од лабораторијата за возење на млазен погон на НАСА го дизајнираа „пулс“, ѓердан со сензор за близина што има вибрирачки мотор. Овој мотор се активира кога ја приближувате раката до главата. Колку се поблиску прстите до главата, толку поинтензивни стануваат вибрациите, пишува „Д верџ“.

– Целта на „пулс“ е да се минимизира ширењето на коронавирусот, кој може да се пренесе со допирање заразени површини со рацете, а потоа допирање на очите, носот или устата – се вели во соопштението на НАСА.
Од НАСА велат дека го дизајнирале ѓерданот за да биде достапен и лесен за составување. Затоа може да се преземе списокот со потребните делови, дизајнот за печатење со помош на 3Д-печатач, како и упатствата за тоа како да го направите ѓерданот бесплатно.

НАСА не го дизајнирала „пулс“ за да ги замени маските и респираторите, туку да се користи како превенција, во комбинација со другите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, меѓу кои се и физичкото растојание и темелното миење на рацете.