НАСА конструира огромна ракета наречена „Систем за вселенско лансирање или скратено „Ес-ел-ес“ со цел да испрати астронаути на Месечината, а потоа евентуално и на Марс, пренесува Б-би-си.

Презентацијата на ракетата е закажана за ноември в година.  Таа се смета најмоќната ракета-носач направена уште од 60-тите години на минатиот век.

Плановите на НАСА се да испрати маж и жена на површината на Месечината до 2024 година, што би било прво слетување на луѓето по „Аполо 17“ во 1972 година.

Во последните 20 години, астронаутите рутински патуваа до и од Меѓународната вселенска станица (ИСС). Месечината е скоро илјада пати подалеку од Меѓународната вселенска станица, па потребна е многу силна ракета за астронаутите да стигнат до неа.

Оваа нова ракета е модерен еквивалент на „Сатурн 5“, огромен лансер направен во ерата на „Аполо“. Како и „Сатурн“ и оваа ракета е поделена на сегменти, наредени еден над друг. Но оваа ракета содржи и технологија за вселенски шатлови.

Првата верзија на „Ес-ел-ес“ ќе се вика „Блок 1“. Во следните години, тој ќе претрпи подобрувања, за да може да лансира потешки товари до дестинации подалечни од ниската орбита.

„Блокот 1“ СЛС ќе се издигне 23 ката над лансирната рампа, што го прави повисок од Статуата на слободата.

– Тоа е навистина огромна ракета. Ќе бидете изненадени од тоа колку е висока – рекол Џон Шенон, потпретседател и програмски менаџер за задолжен за „Ес-ел-ес“ во компанијата „Боинг“.

Ракетата ќе испрати астронаути во вселенското летало „Орион“, постигнувајќи брзини потребни за да излезе од ниската орбита на Земјата и да продолжи да се движи кон Месечината.