Доколку се остварат плановите на американската вселенска агенција НАСА, кучиња роботи наскоро ќе „шетаат“ по површината на Марс. Научниците од НАСА и ЈПЛ Калтек развиваат роботски кучиња „Марс догс“, кои би требало самостојно да се движат низ нерамниот терен на Марс и неговите подземни пештери. Тим научници неодамна го претставија својот план. Кучињата роботи би функционирале на ист начин како роверите „Спирит“, „Опортјунити“, „Кјуриосити“ и „Персеверенсе“, но тие би можеле да сторат многу повеќе. Роботите на четири нозе би биле многу поагилни и опремени со повеќе сензори, кои би собирале информации за пречките и би им овозможиле да ги изберат најдобрите патеки. Со тоа би се создале виртуелни мапи на подземни тунели и пештери на Црвената Планета.
Роботските кучиња би можеле да станат сами ако „паднат“ или ако се превртат на тежок терен на Марс, а сегашните ровери ја немаат таа можност.
Што се однесува до изгледот, тој всушност ќе биде модификација на роботот „Спот“, произведен од компанијата „Бостон дајнамикс“. Роботот наречен „Ау-Спот“ ќе содржи поврзани сензори и специфичен софтвер за безбедно движење низ површината на Марс. Куче робот во моментов е во фаза на тестирање, а фокусот е насочен кон надминување на пречките. Роботот „учи“ како да поминува низ тунели, да се качува по скали и да се движи на локации слични на површината на Марс и тунелите под него. Кога ќе биде испратен „Ау-Спот“ на Марс сè уште не е познато. За овој проект НАСА размислува од 2018 година, а тој сон сега може да стане реалност. Роботот „Спот“ моментно извршува неколку функции на Земјата, а една од нив е служење пиво во Шпанија.