Астероид што би можел да биде опасен за Земјата ќе ѝ се приближи на крајот на април, соопшти НАСА. Според пресметките на научниците, астероидот 52768 (1998 OR2) ќе биде најблиску до нашата планета на 29 април. Тој ден ќе се наоѓа на растојание од 6,29 милиони километри, а тоа е 16 пати подалеку отколку што е Месечината од Земјата.

Астероидот би можел да биде закана затоа што орбитата на Земјата се наоѓа на неговиот правец на движење. Неговиот дијаметар изнесува помеѓу 1,8 и 4,1 километар и потребни му се 3,68 години за да се направи круг околу Сонцето.

Приближувањето на потенцијално опасен астероид кон Земјата не е нешто невообичаено. Кон средината на февруари, НАСА објави за приближување на небесното тело 163373, со дијаметар помеѓу 440 и 990 метри, кое кога ја помина нашата планета беше на растојание 15 пати поголемо отколку оддалеченоста на Месечината од Земјата, пренесува „Спутник“.