Американската вселенска агенција НАСА објави анимација на која е прикажано како роверот „Персеверенс“, тежок еден тон ќе слета на Марс на 18 февруари. Роботот е испратен во кратерот наречен Џезеро, каде што ќе бара докази за траги на живот, објави Би-би-си.

Но, за да се случи тоа, роверот мора безбедно да се спушти. Оние маневри што се неопходни за слетување на роботот често се нарекуваат „седум минути на ужас“ и тоа со причина.

Толку многу треба да се направи на вистински начин за кратко време, или во спротивно мисијата само ќе успее да ископа многу голема и скапа дупка на Црвената планета.

Сето тоа, роботот мора да го стори сам.

На денот на слетувањето растојанието помеѓу Марс и Земјата ќе изнесува 209 милиони километри и секој момент и секое движење прикажано во анимацијата ќе биде контролирано од компјутерот на самиот ровер.

Се ќе почне некаде 100 километри над површината на Марс, каде што роверот за првпат ќе се сретне со првите слоеви на атмосферата на оваа планета.

Во тој момент, возилото сè уште ќе биде во заштитна капсула и ќе се движи со брзина од 20.000 километри на час.

За нешто повеќе од 400 секунди, системот за слетување треба да ја намали таа брзина на помалку од еден метар во секунда кога ќе стигне до површината на планетата.