Леталата треба да бидат дизајнирани на тој начин што ќе бидат дел од вселенската станица што НАСА планира да ја изгради во орбитата на Месечината, а ќе биде наречена „Порта“

Американската вселенска агенција НАСА почна да прифаќа предлози за дизајнирање лунарни летала со кои ќе може да се транспортираат луѓе на површината на Месечината. Оттаму за последен пат ја повикаа комерцијалната вселенска индустрија да ги испрати своите предлози за дизајн најдоцна до 1 ноември.

Ваквите лунарни летала се клучна компонента на програмата „Артемис“ на НАСА, иницијатива што подразбира враќање на луѓето на Месечината. Проектот би требало да се реализира за помалку од пет години. Леталата треба да бидат дизајнирани на тој начин што ќе бидат дел од вселенската станица што НАСА планира да ја изгради во орбитата на Месечината, а ќе биде наречена „Порта“. Астронаутите ќе патуваат до „Порта“ со идните ракети на НАСА, наречени „Спејс лоунч систем“, или СЛС, а од станицата ќе се спуштаат на Месечината.

НАСА бара летала што ќе се состојат од два до три дела. За фазата на слетување е важен делот што ќе го спушти леталото на површината на Месечината, додека другата фаза подразбира полетување на астронаутите од Месечината и враќање во вселенската станица. Третата компонента е позната како фаза на трансфер, дел со кој може да се транспортираат двата преостанати елементи од станицата до орбитата што е блиска до Месечината, со што ќе биде олеснет транспортот до Месечината и обратно.
Компаниите ќе мора детално да објаснат како ќе стигне нивното летало до „Порта“.

Тие може да користат комерцијални ракети како што се „Фалкон хеви“ на компанијата „Спејс екс“, идната ракета на компанијата „Блу ориџин“, насловена „Њу глен“ или ракетата на НАСА, СЛС, која треба да полета најрано до 2021 година.

Откако ќе ги прими сите предлози, НАСА ќе одбере два од нив, со што две компании ќе имаат можност да изградат летала и да ги испратат до вселенската станица „Порта“. Едното летало ќе биде пуштено во првата мисија со екипаж во 2024 година, а другото во мисијата што се планира во 2025 година. НАСА не планира да направи тест-слетување на Месечината без екипаж.

Некои од компаниите донекаде веќе ги открија своите планови. Локхид Мартин го откри дизајнот на лунарното летало што е заснован на капсулата „Орион“, а кое астронаутите на НАСА ќе можат да го користат во комбинација со ракетата СЛС. Џеф Безос го претстави својот концепт за лунарно летало на компанијата „Блу ориџин“ во мај и тврдеше дека развојот трае веќе три години.