Американската вселенска агенција (НАСА) соопшти дека бара лица што ќе бидат во составот на екипажот што ќе учествува во едногодишни симулации на патување на Марс. Во соопштението на официјалната интернет-страница на НАСА е наведено дека симулацијата што ќе се одржува во вселенскиот центар „Џонсон“ ќе почне есента 2022 година.
Целта на симулациите е откривање на сите предизвици и проблеми за време на идните патувања на Марс и на Месечината.
Грејс Даглас од НАСА вели дека тоа ќе биде многу важен процес.
– Астронаутите на овој начин ќе се запознаат со предизвиците и со проблемите што ги чекаат во вселената. Тоа ќе ни помогне да бидеме целосно подготвени за идните подвизи – изјави Даглас.
На конкурсот може да се пријават лица на возраст од 30 до 55 години, потребно е и познавање на англиски јазик и добра здравствена состојба, а кандидатите мора да бидат и државјани на САД или да поседуваат постојана дозвола за престој во оваа држава.