Многумина во светот, и деца и возрасни, сонуваат да отпатуваат еден ден во вселената. Речиси половина век луѓето не успеаја да стапнат повторно на Месечината, но наскоро тоа би можело да се промени. НАСА планира првата жена и маж – да ги пренесе на Месечината до 2024 година. За таа цел, агенцијата бара кандидати за нивните идни мисии. Пријавувањето ќе трае од 2 март до 31 март, но не е сè толку едноставно. Еве што е потребно за да отидете во вселената.

НАСА уште од 1960-тите има избрано повеќе од 350 луѓе за астронаутска обука, а во моментов само 48 астронаути се во најдобрите. Сепак, бидејќи станува збор за американска вселенска агенција, првиот услов е да бидете државјанин на САД. Секако, и оној што има двојно државјанство може да аплицира.

Меѓутоа овој услов не го спречи британскиот астронаут Пирс Селерс да ја напушти Велика Британија и да стане американски државјанин само за да си го исполни сонот да стане астронаут. И секако успеа во тоа – тој имаше три мисии во вселената.

Друг важен услов е да имате академска кариера. Од апликантите се очекува да имаат магистерски студии по природни науки или математика, што вклучува инженеринг, биолошки науки, физика и компјутерски науки. Исто така може да аплицираат и лекари, како и оние што имаат лиценца за пилот. Сепак, самото образование не е доволно – потребни се две години професионално искуство или минимум 1.000 часа летање како главен пилот во авион.

– По пополнувањето на апликацијата преку интернет, кандидатите што ќе поминат во следниот круг, исто така, ќе мора да поминат и физички преглед. Доколку сте избрани, тогаш следуваат две години обука и процена. Во овој период, кандидатите ќе поминат низ воена обука за опстанок, ќе учат за роботиката, но и совладување на рускиот јазик. Оние што нема да ја завршат обуката успешно, ќе бидат распоредени на други позиции во рамките на НАСА – посочуваат од агенцијата.
Досега имало 239 астронаути на Меѓународната вселенска станица – од кои само 151 се државјани на САД.

Ако поради некоја причина не сте соодветен кандидат, не очајувајте. Постојат и други начини да се оди во вселената. И ако парите не ви претставуваат проблем, „Вирџинија галакси“ наскоро ќе стане првата приватна компанија што ќе ги однесе туристите во вселената.