Традиционалниот Вевчански карневал и годинава ќе понуди богата културно-забавна програма и забавни содржини за повеќе од 10.000 посетители. Организаторите најавуваат над 1.000 оригинални маски, што се чуваат во тајност се до денот на одржувањето на карневалот, и многу други содржини со кои Вевчани стана примамлива туристичка дестинација за посетители од земјава, и од странство, чиј број од година во година е се поголем.

Градоначаникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, на денешната прес-конференција во Скопје, најави дека се е подготвено за најголемиот уличен театар во нашата земја, што постои цели 14 века.

– За оваа 2020 година, јас и сите вевчанци ветуваме многу смеа, игра, тетатар и маски кои што ќе го привлечат вниманието на јавноста, задржувајќи ја својата уникатност и архаичност. Повикувајќи се на годинашниот оригинален слоган: „Ке ојш? На вевчански. Напрај се и ти василичар“ ги повикувам сите љубители на добрата забава да дојддат во Вевчани и да станат василичари – порача Јанкоски.

Градоначаникот на Вевчани се надева дека како и досега учесниците на карневалот биле креативни во подготовката на нивните маски и акцентот, освен на политичките случувања, ќе го стават и на други моменти од јавниот живот во земјава. Тој потенцираше дека за време на неговиот мандат немало навредливи маски и се надева дека така ќе биде и годинава.

Инаку, за првпат оваа година на „Вевчанскиот карневал“ ќе има и кулинарско шоу со Бранко Попоски насловено „Вкуси го Вевчани“. Тој е познат по својот гастрономски блог на социјалните мрежи: „Готвење со Бранко“ (Cooking with Branko), а за време на карневалот најави дека ќе ги подготви сите традционални вевчански специјалитети што се подготвуваат во оваа пригода, но на специјален начин.

Годинашната програма запонува на 12 јануари во 16 часот кога ќе биде отворена изложбата „Вевчанскиот карнвал низ призмата на Билјана Јуруковски“. Вечерта во 19 часот на отвoрената сцена на игралиштето ќе настапат: ди џеј Тодороф, дуото „Ај кју“, „Браш брадерс“ и популарниотпејач Влатко Лозаноски. На 13 јануари, по претставувањето на маските на големото василичарко дефиле, во вториот дел на програмата што почнува во 21 часот ќе настапат фолк ѕвездите: Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска со своите бендови, а на полноќ со традиционален огномет и со настапот на дувачкиот оркестар „Весела дружина“ ќе биде пречекана Стара нова година.

По дефилето на 14 јануари, според паганските обичаи, точно напладне маските се палат, со цел да се уништи злото и почнуваат подготовките за следната година.

Градоначаникот на Вевчани Сашо Јанкоски на присутните на прес-конференцијата им подари вевчански пасоши и вевчански личници и ги покани да го проследат карневалот. М.Т.