Во текот на изминатата недела, во норвешките рибни фарми угинаа околу 8 милиони лососи, што резултираше со загуба на повеќе од половина од очекуваниот раст на продажбата оваа година, објави норвешкиот Совет за морска храна.

Алгите, кои брзо се шират околу брегот на северна Норвешка, се лепат на жабрите на рибите и ги задушуваат. Рибите во морето можат да испливаат подалеку од алгинскиот појас, но оние во фармите се заробени.

Штетните алги, меѓу другото, се шират и поради топлото време. Алгата продолжува да се шири, соопшти норвешката Управа за рибарство.

Управата за рибарство претходно соопшти дека над 10.000 тони лосос, со продажна цена од околу 620 милиони норвешки круни (околу 63 милиони евра), угинале, но Советот за морска храна посочува дека загубата ќе биде многу поголема.

-Прерано е да се каже колку големи ќе бидат загубите за производителите. Прелиминарните бројки укажуваат на 8 милиони мртви риби, што одговара на 40.000 тони лосос што нема да стигнат до пазарите, рече аналитичарот на Советот, Пол Аандал.

Според еден аналитичар, ова значи неостварување на половина од очекуваниот пораст и зголемување на цените на лососот.

Норвешка извезе 1,24 милиони тони лосос во 2018 година, што е за 2,5 проценти повеќе од 2017 година. Оваа година, се очекуваше раст од околу 4 проценти.