Топењето на глечерите на Антарктикот би можело да се забрза и да стане целосно неповратно, дури и ако глобалното затоплување се намали, покажува најновото истражување на НАСА, а пренесува „Гардијан“.

Истражувачите од САД пронашле нестабилност во глечерот Твејтс, што значи дека во билска иднина нема да биде возможно да се стопира неговото истекување во морето, предивикувајќи зголемување на нивото на водата за 50 сантиметри. Се верува дека и други глечери на Антарктикот имаат слична нестабилност.

Најновите информации покажуваат дека загубата на мраз од пет глечери на Антарктикот е двојно зголемена во период од шест години и се одвива пет пати побрзо отколку во 1990-тите години. Загубата на мразот се шири од брегот кон централниот дел на континентот, со намалување од повеќе од 100 метри во дебелина на мразот на некои локации.

Според „Гардијан“, глечерот Твејтс, кој е дел од областа на Западниот Антарктик,  претставува голема закана и ризик за драстично зголемување на нивотот на морето. Според истражувањето објавено во Зборникот на трудови на националната академија на науките на САД, глечерот би можел да биде причина за нестабилност поради повлекувањето на линијата која го зацрврстува на морското дно, што потоа создава услови за побрзо топење на мразот побрзо од што се очекуваше.

Дел од научниците сметаат дека големите замрзнати површини би исчезнале во период од 150 години, додека други сметаат дека значајните загуби би започнале за 600 години, се во зависност од темпото на глобалното затоплување и природата на нестабилноста на глечерите.