Поврзаноста на главоболките со пребарувањата на „Гугл“ во последно време сѐ појасно говори за проблемите што ги имаат луѓето што се во карантин и кои повеќе време поминуваат во гледање телевизија, користејќи мобилни телефони и компјутери. Пребарувањата на „Гугл“ за поврзаноста меѓу главоболките и коронавирусот се чести, при што податоците во Велика Британија покажуваат зголемување во пребарувањето од 4.450 проценти во последните седум дена на поимот „главоболка“ или „дали главоболката е знак за коронавирус“. Кога станува збор за клучните зборови „ублажување на напнатоста од главоболка“, потрагата е зголемена за 250 отсто.
Се верува дека зголемувањето на главоболките е резултат на зголемувањето на количеството на време што луѓето го поминуваат пред екраните.

– Она што можете да го направите за да се заштитите е да купите очила што блокираат сина светлина. Ова сино светло е штетно и го испуштаат екраните на компјутерите, мобилните телефони, таблетите и слично. Преголемата употреба на овие уреди може да предизвика главоболки и проблеми со видот – вели докторката Арагона Џузепе.
Како што објаснува таа, очилата што ја блокираат сината светлина имаат филтри во своите леќи што блокираат или апсорбираат сина светлина, како и УВ-светлина.
– Ако ги носите додека гледате во екран, особено во текот на ноќта во слабо осветлена просторија, ќе помогне да се намали изложеноста на сината светлина – нагласува Џузепе.

Таа препорачува да се ограничи времето што го трошиме пред екранот, како и поголемиот дел од тоа време да се распредели за работа. Употребата на уредите за забавни цели треба да се замени со читање, лесни вежби или играње друштвени игри со своите најблиски, пишува „Мирор“.