Френк Запа е еден од најголемите светски музичари, плоден композитор, интересен актер, продуцент, гитарист-виртуоз и харизматичен лидер на музички состав. За него едни велат дека беше луд, а други, пак, гениј без ограничувања. Можеби и едните и другите се во право, но повеќе од сигурно е дека безмалку сите се согласни дека тој е единствен во однесувањето, оригинален во изведбата и неповторлив во делото што го остави зад себе. А за да биде апсурдот поголем, тој е музичар без формално образование, но и самоук режисер и продуцент. Кариерата ја започна свирејќи на тапани во блуз-бенд, продолжи да свири на електрична гитара, а беше и толку смел да се проба во компонирање класична музика. Едно е сигурно: повеќепати за време на неговата кариера, која траеше 30 години, но и по неговата смрт, тој е прогласуван за еден од најголемите и најплодни музичари и гитаристи во светот. Се проба во повеќе жанрови како блуз, џез, прогресивен рок, класична музика, рок и ду-воп. Тој е првиот рок-музичар што ангажира симфониски оркестри и со нив снимаше рок-опера и класична и џез-музика.

И тоа не е сѐ: во текот на својата кариера режираше филмови и видеоспотови, дизајнираше насловни страници на албуми, а како продуцент и музичар работеше на повеќе од 60 албуми, како на неговите солистички, така и на албумите на неговиот бенд „Мадерс оф инвеншн“. Со право може да се каже дека неговата комплицирана личност имаше две страни: тој во еден момент се пројавуваше како харизматичен музичар, кој ја забавуваше и воодушевуваше публиката на своите концерти, а во односите со луѓето се покажуваше извонредно интелигентен и неверојатно искрен соговорник, чии уверувања стануваа се појаки со текот и развојот на неговата кариера. Уште како млад се сеќавам на главниот лик во култниот филм „Ние не сме ангели“ – неповторливиот Никола безгранично го обожаваше Запа и велеше дека тој е еден вид мерка за нечија урбаност и степен на фраеризам (Американците би рекле кулнес). Младите во тоа време велеа Запа е еден вид „што и да било“, ама е Френк Запа и никој друг не е како него. Френк Запа беше бескомпромисен борец и жесток борец против монополот на музичката индустрија.

Френк Запа со своето животно дело го задолжи светот. Кога станува збор за неговото творештво, треба да се каже дека при неговото создавање, покрај сериозност и генијалност, тој пројавуваше и неверојатна смисла за хумор. Историјата едноставно не може да го заобиколи, па затоа му го признава статусот на врвен мајстор на гитара и извонреден композитор. Како и да се гледаме и со што да било мериме и проценуваме, треба да признаеме дека овој творец беше посебен, оригинален и генијален. Се профилира во посебен вид музичка величина, кому поголеми признанија му се даваат денес отколку за време на неговиот живот. Мора да се каже дека беше извонредно духовит човек и својот музички хумор знаеше да го претстави низ песните и настапите на најдобар можен начин. За себе самиот велеше дека отсекогаш се интересирал за музиката. На почетокот имал желба да биде модерен композитор на џез и блуз. Сепак стана популарен и славен свирејќи црнечка аренби-музика. Најпрвин свирел во неколку групи, како што се „Ремблерс“ и „Соул џајантс“, за со текот на времето да си оформи сопствен бенд, кој го нарекол „Мадерс оф инвеншн“. Првиот музички албум на Запа и неговиот бенд е „Freak Out!“ (1966). Овој албум остава фантастичен впечаток кај публиката и музичките критичари, а Запа и членовите на бендот со своите долги коси и не толку убави лица, станаа вистински музички икони на 1960-тите години.

Инаку, на овој дупли деби-албум провејуваа песни со брзи и диви ритми, имаше протестни песни и првпат духовити најави, вицеви и текстуални пародии, кои со текот на времето станаа култни. Вториот нивни албум „Аpsolutely Free“ (1967) ќе остане запаметен по комплексните музички композиции и потсмевливиот однос на Запа кон политиката и политичарите. Третиот албум, „We’re Only in It for the Money“, е вистинско ремек-дело. Со следните два-три албума Френк Запа се обидува во рамките на рокенрол-музиката да вметне класична музика, како и да ја популаризира музиката ду-воп, изведувајќи популарни блуз-нумери од 1950-тите и 1960-тите години. Во 1969 година Френк Запа го издава студискиот соло-албум „Hot Rac“. Овој албум се смета како најдобро остварување на Запа во неговата музичка кариера. Песните на него се извонредно мелодични и во некои од нив има извонредни соло-делници со кои Запа успешно ги истражува новите форми на современиот рок. Најмоќни соло-изведби на гитара има во нумерите „The Gumbo Variations“, „Willie The Pimp“ и „Son of Mr. Green Genes“. Френк Запа е познат и по тоа што на неколку негови албуми гостува виртуозот на гитара Стив Веи, блиску соработува со Џон Ленон и Јоко Оно, со кои заедно настапува во Њујорк, и секако по немилиот настан кога за време на неговиот концерт во Монтре, Швајцарија, во хотелот каде што тој држи концерт пламнува оган, во кој гори целокупната негова музичка опрема, а сето тоа подоцна е опишано во легендарната песна „Smoke on The Water“ на легендарните „Дип парпл“. Треба да се обележат неговата рок-опера од 1979 година, насловена „Joe’s Garage“, двата џез-албума снимени со најдобрите џез-музичари од Западниот брег во САД, во кои има комбинации на џез, свинг и богати вокални изведби, „Guitar album“ на кој се гледа дека свирењето на гитара од Запа е единствено и оригинално, како и албумите со „Би-би-си симфони оркестар“ и „Енсембле модерн оркестар“ од Франкфурт.

Френк Запа имаше обичај на своите албуми да запише: „Никогаш не престанувајте да работите додека она за што мислите дека е добро не стане подобро, а кога ќе стане подобро, потрудете се да стане најдобро“. Многумина мислеа дека е премногу откачен, дури и луд, но факт е дека Запа својата инспирација не ја наоѓаше во дрогата и алкохолот, т.е. во разуздениот рокерски живот, туку во хармонијата и мирот на семејството. Беше и остана омилен џебен филозоф на многу млади генерации, а еве и зошто: „Умот е како падобран – ако не е отворен, не работи. Постојат повеќе песни за љубовта отколку за што било друго. Да можат песните да нѐ натераат да направиме што било, сите ќе се сакаме…. Информацијата не е знаење. Знаењето не е мудрост. Мудроста не е вистина. Вистината не е убавина. Убавината не е љубов. Љубовта не е музика. Музиката е најдобра…“. Во 1994 година астероидот „3834“ го доби името „Запафренк“, во спомен и чест на неповторливиот Френк Запа, во 1995 година тој е примен во Рокенрол-куќата на славните, а во 1997 година доби „греми“ за животно дело.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)