Поминаа повеќе од 10 години откако светските медиуми пренесоа дека во мочуришта на Флорида, САД, се населиле бурмански питони, а некои од нив толку пораснале што почнале да ги напаѓаат дури и алигаторите.

Ова лето се размножи нов вид рептили, не толку опасни, но агресивни и штетни.
Станува збор за игуани, големи зелени гуштери, кои можат да пораснат до метар и пол должина, а тежат 9 килограми, додека женките можат да излежат дури 80 јајца годишно, поради што рапидно се размножуваат.

Ги има толку многу на јужниот дел на Флорида што државната агенција за заштита на околината упати апел до сите граѓани да ги убиваат доколку ги видат на својот имот, но и на 22 подрачја што се во државна сопственост.
Не е прецизирано како да го сторат граѓаните тоа.

Според „Гардијан“, игуаните не ги напаѓаат луѓето, но затоа копаат долги тунели, кои можат да ги оштетат темелите на зградите, па дури и јавните патишта, а, освен тоа, може да бидат и пренесувачи на салмонела.
– Некои зелени игуани освен што предизвикуваат штета на инфраструктурата, исто така оставаат измет покрај брегот, на базените и на други јавни површини – велат од Агенцијата за заштита на околината.

Овие животни живеат во Средна и Јужна Америка, а на Флорида се донесени или како домашни миленици, кои се отфрлени, или како слепи патници на различен товар во бродовите, но брзо се приспособиле на климата, која е слична на онаа во подрачјата каде што живеат.
И понатаму е дозволено да се чуваат како миленичиња, но не се заштитени со никаков закон, освен оној за спречување на изживувањето врз животните.