Музичката корпорација „Јуниверзал мјузик“ купи комплетен каталог со песните од Боб Дилан. Компанијата, наводно, платила деветцифрена сума за авторските права за една од највредните колекции во историјата на музиката. Договорот се однесува на авторските права на повеќе од 600 песни од кариерата на Дилан, вклучувајќи ги: „Blowin ’In The Wind“, „The Times They Are a-Changin“, „Like A Rolling Stone“, „Lay Lady Lay“ и „Forever Young“.

Компанијата не ги објави финансиските детали за набавката на „правата на Дилан“, но „Фајненшл тајмс“ пишува дека станува збор за „деветцифрен број“. „Њујорк тајмс“ проценил дека станува збор за повеќе од 300 милиони долари.
– Ова е најважниот договор за објавување музика во овој век и еден од најважните во историјата. Исто така е привилегија и одговорност да се има опусот на еден од најголемите текстописци на сите времиња, чија културна вредност не може да се процени – рече Џоди Герсон, извршен директор на „Јуниверзал мјузик“.
Дилан, чија кариера трае 60 години, има продадено 125 милиони плочи низ светот. Неговите песни, од кои некои се најпопуларни воопшто, редовно се појавуваат во филмовите и рекламите и по неколку децении од нивното објавување. И тие често се обработени и изведувани од други уметници, што носи огромни приходи од авторските права.

Во 2016 година, Дилан ја доби Нобеловата награда за литература „за создавање нов поетски израз во рамките на големата американска музичка традиција“.
Боб Дилан го објави својот прв албум со оригинални песни во последните осум години во јуни оваа година. „Rough and Rowdy Ways“ е неговиот 39-ти студиски албум, објавен 58 години по првиот. Меѓу десетте песни е и 17-минутната балада за убиството на Џон Кенеди. Списанието „Ролинг стоун“ напиша дека тоа е „апсолутна класика“.