На оглас на еден јапонски милијардер, во кој бара девојка за заеднички лет околу Месечината, се пријавиле дури 27.000 кандидатки.
– Би сакал да си најдам животна партнерка. Заедно со неа, таму некаде од вселената, би сакал да им зборувам на луѓето за љубовта и светскиот мир – изјави најпосакуваниот јапонски ерген.

Откако беше објавен неговиот оглас на Твитер, милијардерот од Јапонија Јусаку Маезава доби неверојатни 27.000 пријави од потенцијални кандидатки за титулата вселенска девојка. Со една романтична слика и порака во која прашува „Ќе дојдеш ли до Месечината со мене?“, тој го привлече вниманието на огромен број млади девојки и жени, кои побрзаа своите податоци да ги испратат најдоцна до 17 јануари – последниот рок за пријавување.

Маезава ќе биде првиот приватен патник на ракетата „Спејс икс“, сопственост на американскиот бизнисмен Елон Маск, која би требало да тргне на пат околу Месечината во текот на 2023 година или малку подоцна. Во 2018-та, Маезава објави дека е првиот што купил билети за овој лет, а на почетокот на годинава најавува дека би сакал да оди на љубовни состаноци со кандидатките што ги исполнуваат неговите услови за можна партнерка. Конечната одлука за тоа која ќе биде „среќничката“, милијардерот ќе ја донесе до крајот на март, пренесува француската новинска агенција АФП. Самата потрага по идеалната сопатничка ќе се случува во рамките на телевизиското реално шоу насловено „Љубовници на полна месечина“. Богаташот, кој неодамна изјави дека раскинал со својата девојка, позната јапонска актерка, на овој начин сака да ја најде својата „вистинска животна љубов“.

Во својот оглас, тој бара девојка или жена на возраст од 20 години или постара, која го сака животот и го вдишува со полни гради. Во едно искрено интервју, Маезава призна дека се решил за ваков чекор затоа што се чувствува осамено.

– Досега живеев точно онака како што сакав. Имам 44 години и полека почнаа да ме мачат осаменоста и празнината. Сега размислувам за тоа дека иднината сакам да ја поминам само со една жена – изјави бизнисменот, кој има три деца од две жени.
Маезава беше успешен поранешен директор на прочуената онлајн-модна компанија „Зозо“. Минатата година тој реши да ѝ ја продаде компанијата на јапонската интернет-корпорација „Јаху!“, продолжувајќи да се занимава со она по што е најпознат во јавноста, а тоа е купувањето скапи и екстравагантни уметнички дела. В.Б.Н.