Јужноафрикански филмски снимател бил усмртен од жирафа која ја снимал во резерват во близина на Јоханесбург, објави сопственикот на паркот.

Жирафата го усмртила Карлос Карваљо(47), удирајќи го во глава во паркот Глен Африк Кантри Лоџ, во покраината Норт Вест.

– Карлос стоеше од спротива на жирафата кога животното ги рашири нозете, го навали вратот и заниша со главата кон Карлос – објасни Ричард Брокер, дел од семејството што стопанисува со паркот.

Жирафата по име Гералд „не направи ништо лошо“, додаде Брокер.

Продукцијата што го ангажираше Карваљо соопшти дека снимателот починал во средата вечер во болница.

Карваљо е татко на две деца, а настрадал во моментот додека се обидувал од непосредна близина да направи снимка на жирафата. Бил добитник на бројни награди, меѓу кои и на Сребрен лав на филмскиот фестивал во Кан во 2003 година.