Инструментот е набавен со донаторски средства

По 16 години, ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп набави ново пијанино. Како што посочува Славица Конеска-Темелкоска, директорка на училиштето, се работи за пијанино од австриската фирма „Фојрих“, кое е со висок квалитет и кое ги задоволува сите неопходни стандарди за настава во училница, но и за пошироко концертирање. Инструментот е набавен со донаторски средства и со средства од буџетот на музичкото училиште.

– На нашата сметка имавме донација од 2.000 фунти, кои нашите сограѓанки Александра Гаралоска и Весна Јосифоски ги донираа пред неколку години. Тие ја извозија велосипедската тура од Загреб до Прилеп, поминувајќи притоа 1.200 км. Оваа донаторска акција имаше за цел да се подигне свеста како кај обичните луѓе, така и кај големите компании, да донираат, да бидат општествено одговорни во музиката и во сите други уметности. По донацијата започнавме со процедурата за тендерска постапка. Дополнително обезбедивме наши средства и го купивме новото пијанино, кое ќе ги задоволува потребите на нашите ученици. Пијаниното ги поседува сите потребни стандарди. Неговата механика дозволува опсег од деликатно пијанисимо до импресивно фортисимо – истакна Конеска-Темелкоска.

ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп е едно од најдобрите во Македонија и постојано постигнува одлични резултати. Моментно има 360 ученици, од кои настава по клавир посетуваат околу 100 ученици, кои се подготвуваат за голем број општински, државни и меѓународни натпревари, како и семинари, концерти и гостувања.