Научниците веќе со месеци испитуваат дали коронавирусот мутирал и дали станува сѐ попренослив или посмртоносен. Новите докази упатуваат дека одговорот на скоро сите прашања е потврден, со оглед на тоа дека вирусот мутирал и сега може да зарази повеќе човечки клетки. Научниците велат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди дали мутацијата на коронавирусот го сменила текот на пандемијата и останува нејасно дали оваа мутација е смртоносна, пишува Си-ен-ен.

Откако ја анализирале првата мутација на коронавирусот, научниците се сомневаат дека промената ја подобрува способноста на коронавирусот цврсто да се прилепи на мукозната мембрана на носот или очите за да започне процесот на инфекција. Сепак, многумина се сомневаат во оваа анализа. Со оглед на тоа дека истражувачите се потпирале само на јавно достапни податоци и компјутерски анализи на геномот на вирусот, тие не биле во можност конечно да заклучат дека нивната идеја е единственото разумно објаснување за појавата на нов доминантен вид на коронавирусот.

Од друга страна, истражувањата јасно покажуваат дека вирусот се развива. Исто така, откриено е дека мутацијата на вирусот во лабораториски услови е скоро десет пати позаразна од другите видови на коронавирусот. Со геномски анализи, кои покажале дека вирусот станал доминантен, може да се објасни зошто новиот коронавирус се рашири толку во Европа, САД и во Латинска Америка.

Кинеските лекари во североисточна Кина забележале дека новозаразените лица го носат вирусот подолго време, што значи дека им треба повеќе време за да бидат негативни на тестот за вирусот. Исто така откриле и дека на пациентите им требало подолго време за да покажат симптоми на болеста ковид-19.

Истражувачите предупредуваат дека вирусот би можел да мутира, да стане уште поупорен и да преживее подолго, затоа што оние што го носат подолго време имаат поголема шанса да заразат други.