На затворање на фестивалот, кое ќе се одржи од 31 мај до 5 јуни, ќе настапи Уму Сангаре, најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали

Седумнаесеттото издание на фестивалот „Оф-фест“ ќе се одржи од 31 мај до 5 јуни, а програмата, како и досега, вклучува актуелни и врвни имиња од т.н. музика на светот од Европа, Африка, САД и од Австралија. Десетте концерти ќе се одржат на три локации.

Групата „Јупитер енд Оквес“ од Конго ни гостува вторпат, а нивното прво гостување беше многу еуфорично. Очекуваме тоа да се повтори. „Фајтинг Виндмилс“ се единствената домашна група, со одличен нов албум, со своја премиерна концертна промоција на „Оф-фест“. „Дртмјузик“ се олстарс-група со Крис Екман (Д Волкабаутс), Хуго Рејс (Т Бед седс на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Баба Зула), и ќе ги видиме во едно психоделично рок-издание. Автентичните „Офичина Зои“ од Италија со својот хипнотички транс. Од Тунис, ќе гостуваат „Ајфрилки електрик“ со шаманско индустриски електро-ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Геј Си Акиол и нејзината група. Пополноќна афрогрув-забава до утринските часови со диџеј Мукамбо од Белгија. Магичните „Бармер бојс“ ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. „Транс-Илијн трансмишн“ ќе ни приреди свој специфичен аудио и видеоперформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.

Во четирите фестивалски вечери концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31 мај и 1 јуни со почеток во 21, а на 2 и 3 мај со почеток во 20 часот. Полноќната забава на 2 мај е во клубот „Епицентар“. Завршната вечер е на 5 мај и ќе се одржи во Македонската опера и балет со почеток во 20.30 часот.
Билетите за четирите вечери во Младинскиот културен центар се по цена од 500 денари за вечер. Билетите за концертот на Уму Сангаре во Македонската опера и балет се со цена 1.200 денари за галерија и 1.500 денари за партер. Билетите за полноќната забава во клубот „Епицентар“ се со цена од 200 денари. Комплет билетите чинат 1.500 денари за девет концерти. Во комплетот билети не е вклучен само концертот на Уму Сангаре. Резервација и продажба на билети во: „Југотон рекордс“, МОБ, МКЦ и онлајн на mktickets.mk.

За подетални информации посететe ги веб-страницата: www.offest.com.mk
и фејсбук-страницата: www.facebook.com/OFFest.