На програмата на телевизија Алфа почна да се емитува новата музичка емисија насловена „Музика на кирилица“. Во неа се свири и се пее во живо исклучиво македонска забавна музика. Водители се музичарот Петар Ренџов, кој има искуство и како радио и ТВ-водител, и популарната телевизиска водителка Ирена Спировска.
Во секоја емисија, која се емитува во недела навечер, има интересни гости. Така, во првата настапија и кажаа збор-два за својата кариера младата пејачка Ања Ветерова, која студира соло-пеење и музичка продукција на универзитетот „Беркли“ во САД, и членовите на групата „Меморија“, Апостол Икономов-Поце и Петар Георгиевски алијас Перо Камиказа.

Во студиото има и публика, а за добрата музика се заслужни извонредните музичари: Мучо, Гого, Ставре, Арсо, Маруш, Сале, Дамир, Кирил, Сенад, Мартина и Ане.
Со оваа емисија, Алфа ја збогатува сопствената телевизиска продукција, а наедно ја популаризира домашната забавна музика. На истата телевизија пред неколку години се емитуваше и емисијата „Еден бакнеж“, во која исто така можеа да се слушнат македонските евергрини во изведба на неколкумина познати македонски пејачи: Андријана Јаневска, Наде Талеска, Јоце Панов. Ѓорѓи Крстевски, Елена Петреска…