Млади музичари во појасот Газа се борат против опсадата со помош на музика.
Со едно преостанато пијано во Газа и бројот на професори што постојано опаѓа, младите Палестинци се борат против 11-годишната опсада и се трудат музикат да опстои и за време на војната, пренесува „Индепендент“.

Јара Табит, за нејзиното пијано, вели дека  претставува гордост и среќа, за кое беа потребни повеќе години и многу пари, за да се пренесе преку строго чуваната граница на Израел.

– Мој најголем страв е дека пијаното ќе биде уништено во воздушен напад. Неговите тонови ме релаксираат, ми помагаат против стресот и ме опуштаат – вели Табит.

Пристапот до музички инструменти е една од најголемите пречки за палестинските музичари. Пред Египет да ја зајакне безбедноста на границата, музичките изведувачи мораа да ангажираат шверцери кои ќе им доставуваат музички инструменти преку тајни тунели кои водат до Синај, пишува „Индепендент“.

Откако eгипетската војска ги уништи подземните тунели, сите инструменти се носат исклучиво преку израелската граница, а израелската војска често стравува поради преносот на предмети кои би можеле да бидат корисни за воените групи од регионот.

Табит е една од ретките студенти по пијано кои имаат привилегија да свират на единствениот музички настап дозволен во земјата. Пијаното е донирано од страна на јапонската влада пред 20 години и е еден од инструментите кои не беа уништени од ракетен напад во 2014 година. Јара моментно нема учител по пијано, бидејќи последниот музичар што давал часови ја напуштил земјата. Во земјата немаат учители ниту за чело и труба, а повеќето инструменти биле уништени откако започнал конфликтот во 2008 година.

Но, полека музиката се враќа во појасот Гиза. Младиот Раџи Џару, кој има 21 година, отвори своја продавница за музички инструменти заедно со неговиот татко. Тој научил да свири гитара сам гледајќи видеа на Јутуб, но бил револтиран бидејќи немало продавници кои нудат музички инструменти, па решил да го промени тоа. Тој верува дека со музичките инструменти ќе им помогне на луѓето.

– Единствено музиката може да им помогне и да изгради нешто за младите. Со музиката можете да ја насочите енергијата во инструментот и да ја раскажете вашата приказна – вели Џару.

Во неговата продавница, младите луѓе можат да ги видат и пробаат инструментите. За многумина од нив тоа е прва средба со инструментите, кои дотогаш им биле достапни само преку видеата кои ги гледале на Интернет.

– Тука се пробива опсадата. Ние можеме да дојдеме до музички инструменти кои ги сакаме. Музиката ни дава глас кој е меѓународно разбирлив. Музиката е слобода која може да ја скрши секоја граница – објаснува Џару.