Утре, во 10 часот, ќе се промовира самоводечка велосипедска прошетка „Скриените музеи во Скопје“, со аудиоупатства за движење до повидливи културни локалитети во Скопје и околината. Прошетката има две различни маршрути (едната во централното градско подрачје, а другата на периферијата на Скопје), а е во организација на здружението на граѓани „Одржливи иницијативи“. Настанот е дел од проектот „Скриените музеи на Скопје“.
– Скопје има музеи и значајни културни локации што јавноста не ги забележува. Или, што е уште поинтересно, многу луѓе слушнале за нив, но немале можност да ги видат или не знаат каде се наоѓаат, како на пример Римскиот акведукт – вели Мери Бакалова од „Одржливи иницијативи“.
Ограничен број учесници ќе имаат можност да ги испробаат аудиоупатствата и да ги следат маршрутите в сабота.
– Внимававме движењето да се одвива пред сѐ по велосипедски патеки, но за некои делови, едноставно, моравме да вклучиме движење по коловоз, или движење по земјени патишта, бидејќи тие делови не се поврзани со велосипедска патека – вели Бојан Ранташа, советник за рурален развој и туризам.
Посетителите со помош на упатствата ќе може да ги посетат: Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработување оружје за време на НОВ 1941-1944 во Скопје, Куќата на Лазар Личеновски (однадвор), Музејот на МНТ, Музејот на старата скопска чаршија, Споменик-музејот на Народноослободителната војна и револуцијата, МАНУ, Скупи, Римскиот акведукт, Дендропаркот и Ботаничката градина.