Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, а тоа првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена

На 30 ноември, во големата сала на Филхармонија, во 20 часот, Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните групи на сите времиња – „Рејдиохед“.
Станува збор за маестрален проект, под наслов „Рејдиохедџез“, со уникатна содржина: џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група, која од своето постоење до денес изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари во светот, група што донесе прогресивен, иновативен, моќен звук.

Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, а тоа првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена. И овој пат зад диригентскиот пулт со Биг-бендот ќе застане врвниот Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл. Инаку, со овој проект, ЗЏМ ја проширува својата репертоарна политика, ги проширува естетските хоризонти, ги збогатува својот музички израз и профил, насочувајќи се кон една поинаква звучна патека.