Зоки Агресор, музичар

И денес темата е актуелна во негативна смисла, политичарите се уште ни се главни ликови и се уште се заморуваме едни со други со партиски препукувања, а не размислуваме како да имаме подобар стандард и поквалитетен живот. Посакувам наскоро секој да ја игра својата улога ,ама на најдобар можен начин, музичарите да пејат и да свират, новинарите да известуваат објективно, политичарите да водат позитивна и чесна политика, вели Зоки Агресор

Песната „Мојата партија“ иако е напишана пред триесетина години, се уште е актуелна за време на секои избори во нашата земја, а така беше и овојпат. Причината за нејзината актуелност, освен добрата музика е и ироничниот текст, во кој меѓу другото се пее: „Мојата партија ви ветува се, мојата партија ви подарува се, надобар живот, најдобар систем, најдобри женски. Како без работа да добиете пари, како за малку да добиете многу, ќе бидеме сигурно први во ова, ќе бидеме сигурно први во она, за мојата партија гласајте, за мојата партија гласајте…“. Автор на песната е македонскиот музичар Зоран Трпков, кого сите го знаат како Зоки Агресор, по неговата панк-рок група „Рок агресори“, каде е пејач и гитарист. Бендот е формиран 1991 година, а негов единствен оригинален член денес е токму тој. Во него членуваа и: Тони Станковски на тапани и Ристо Апостолов и Сашо Здравев на бас. „Рок агресори“ своевремено беа доста популарни во земјава, а направија и обид да се пробијат во регионот. Во 1996 година е издаден албумот„Ебена антикултура”, на кој е снимена и „Мојата партија: заедно со: „Сексуален манијак“, „Јас смрдам на лук“, „Врати ми ги парите“, а во 2001 година е издаден вториот албум „Хистерија“, исто така со ангажирани, хумористични песни, но со поандерграунд звук од првиот.

Кога ја напишавте „Мојата партија“ и што ве поттикна на тоа?

– „Мојата партија“ ја напишав во 1990-те години, кога преминувавме од еден систем во друг и кога имаше големи турбуленции во општеството. Нешто подоцна, 1999 година, со Логин Кочишки го релизиравме и интересниот спот во македонскиот Парламент, за потребите на неговата музичка емисија на Канал 5 телевизија. Повеќе години наназад забележувам дека луѓето често ја споделуваат на социјалните мрежи пред избори, а гледам и дека слични се реакциите и сега. Задоволен сум како уметник што „Мојата апртија“ и по толку години се уште е актуелна тема, но од друга страна, тоа говори дека за жал, кај нас многу не се променила состојбата во општеството, за несреќа на сите граѓани вона оваа наша Македонија. И денес темата е актуелна во негативна смисла, политичарите се уште ни се главни ликови и се уште се заморуваме едни со други со партиски препукувања, а не размислуваме како да имаме подобар стандард и поквалитетен живот.

Дали имате нешто да им порачате на сегашните полтичари?

– На сегашните политичари немам многу што да им порачам освен да бидат почесни, ако е тоа воопшто можно и да мислат повеќе за народот, а не како да го наполнат својот џеб. Посакувам наскоро секој да ја игра својата улога, ама на најдобар можен начин, музичарите да пејат и да свират, новинарите да известуваат објективно, политичарите да водат позитивна и чесна политика, а добрите луѓе, тие да продолжат да прават добри дела!

Верувате ли дека има уште добри и чесни луѓе во земјава?

– Лоши и злобни луѓе секогаш имало и ќе има, но за среќа има исклучоци. Како помлад мислев дека добри луѓе ретко има, ама сега се почесто ги среќавам и затоа мислам дека има уште надеж за нас.

Дали може да се случи да напишете уште некоја слична песна?

– Последните 20 години многу не ме интересираат овие ангажирани текстови, па затоа не верувам дека ќе напишам слична песна. Кога е човек помлад, е и похрабар и побунтовен, и има потреба да се искаже на таков начин со песни критички настроени кон општеството и околината, ама сега многу не ме засегаат такви теми. Нема многу политика во новите песни, повеќето се затворени во својот сопствен свет, создадени кога човекот размислува за смислата на животот.

И во песната „Јебена антикултура“ исто така го жигосувате општеството. Дали според вас, се уште живееме во таков амбиент?

– Да се уште живееме во антикултура, најмногу овде на Балканот, претрупани со информативни емисии во кои главни вести се оние лошите, а убавите вести никаде не се спомнуваат или сосема на крајот. Не трујат со разен дискутабилен избор на музички таленти во кои жирито ги навредува и омаловажува пејачите, иако тие се нивни идоли. Доволно е човек да го види вкусот на публиката за музика на Балканов и се ќе му биде јасно.

Во 2009 година на домашниот избор на „Евросонг“ ја испеавте песната „Динг Донг“, и за влакно не добивте виза да застанете на евровзиската сцена како македонски претставник. Жалите ли што ја пропутивте оваа шанса?

– Нормално кај секој човек, па и кај мене постои љубопитност што ќе беше ако Европа ме слушнеше со „Динг Донг“ и какви ќе беа нивните реакции. На домашниот „Евросонг“ настапив уште еднаш со песната „Кукурику“ во 2011 година, за која исто така се крена праишина во јавноста, но тоа е веќе минато и сега сум преокупиран со други нешта. Освен тоа, очигледно е дека и на „Евровизија“ има многу политика.

Дали наскоро ќе ја продолжите соработката со Александар Ристовски Принц?

– Со Принц во 2012 го снимив албумот „Агресор фискултура“, поточно осум песни беа снимени кај Принц, три кај Ристо Апостолов од „Водолија“, а дури четири нумери добија спотови, исто така реализирани во соработка со Принц. Бидејќи мене ми лежи хуморот, песните беа со забавна содржина, како и спотовите. Пред 4-5 години почнавме во студиото на Принц да снимаме нови песни, ама не ги довршивме, поради некои проблеми што ми се случија во семејството пред две години, поради што го загубив ентузијазмот и се повлеков од сцената. Но мислам дека за извесно време овој проект ќе го финализираме, бидјеќи се што е почнато, треба и да се заврши, а тоа значи дека е време за мојот нов албум. М.Т.