Московското метро организира презентација на начини на плаќање преку препознавање лица пред официјално да започне платниот систем на 15 октомври, според најновиот пример за брзиот развој на таа технологија во Русија.
– Патниците не мора да го имаат својот телефон, картичка за метро или кој било билет со нив. Треба само да ги стават своите информации, слика и банкарски податоци во апликацијата. Во московското метро, кое е едно од најфреквентните во Европа, плаќањето со препознавање лице ќе овозможи да се намали времето на чекање, бидејќи е „трипати побрзо“ од традиционалните методи на плаќање – истакна заменичката на прес-службата на градскиот сообраќај, Ана Лапушкина.
Услугата, која беше тестирана од волонтери и вработени во метрото, ќе биде достапна за секого од 15 октомври, на 241 станица од огромната метро-мрежа, отворена во 1930 година, за време на владеењето на Сталин.
Прес-службата наведе дека системот ќе работи и со маски, кои сѐ уште се задолжителни во јавниот превоз, и дека половина од лицето е доволно за да биде видливо. Рампите ќе се креваат само за вистински „живи“ лица, не пред фотографии. Патем, сѐ уште ќе биде достапен и влез со стариот метод на плаќање со билети.
Технологијата за препознавање лица брзо се развива во Русија, особено од почетокот на пандемијата. Во март, дистрибутивната група X5 во земјата објави дека се започнува со овој вид плаќање во продавниците.
Неколку руски невладини организации ја критикуваа широката употреба на препознавањето лице, посочувајќи на протекување податоци и недостиг од согласност од луѓето што се снимаат.
– Неконтролираната употреба на овие технологии има сериозни импликации врз човековите права и основните права и веќе се користи за цели на политички прогон – изјавија од невладината организација „Хјуман рајтс воч“.