Од вториот албум „Запеало славеј пиле“

Познатата македонска пејачка на народни песни, Елена Андоновска, која се посигурно чекори на музичката сцена, пленејќи со својот карактеристичен глас, за краток период издаде два албуми со преработки на познати песни од репертоарот на доајените Васка Илиева, Вања Лазарова, Костадинка Палазова, Петранка Костадинова, Никола Бадев, Кирил Манчевски. Првиот албум, насловен „Кој што ме чуе да пеам“ го издаде во 2018 година, а 2021 година таа го сними и вториот албум „Запеало славеј пиле“, исто така со десет фолклорни бисери.

 

Песните ставени на овие носачи на звук се облагородени со нов музички аранжман. На почетокот на година Андоновска ја промовираше насловната песна „Запеало славеј пиле“, авторско дело на Васка Илиева, а неодмана со видео-запис оживеа уште еден наш подзаборавен бисер. Станува збор за народната песна „Мори деј Невено“, која беше дел од репертоарот на Вања Лазарова. Во нејзина чест Андоновска реши да ја обнови и повторно да ја заживее меѓу слушателите на македонската народна музика. За таа цел аранжманот го освежи и разигра Дарко Илиевски, а звукот доби впечатлива нота од нејзиниот продукциски соработник Ангел Ќосев (Студио подрумот). Во делот на оркестарот, освен Дарко, на хармоника учество земаа и Илија Филиповски (виолина), Марјан Андоновски (ударни инструменти), Филип Николовски (акустична гитара), Зоран Костадиновски (електрична гитара), Горан Гешовски (бас гитара), Фросина Мариноска и Мартина Костова (придружни вокали). Сценариото за видео записот изработи Марјан Андоновски во режија и продукција на „Арт студио“ – во чии кадри се најдоа познатите предели на Кратово, Куклице, с. Страцин со родната куќа на Лазарова.

За да се долови во целост амбиентот, Андоновска одлучи да се појави во народна носија која е карактеристична за кумановско – кратовскиот регион од каде што потекнува Лазарова, а за сето тоа да биде на високопрофесионално ниво, уметничката соработка во делот на носијата ја направи со професорот Владимир Јаневски. Гости во овој видео запис се нејзините колешки Стефанија Маневска и Христина Ристеска. Релизацијата на албумот „Запеало славеј пиле“ е поддржана од Министерството за култура.

Љубителите на народната песна Андоновска ја познаваат и од настапите со националниот ансамбл „Танец“, чија солистка е од 2007 година. Средно музичко училиште завршила во „Илија Николвоски – Луј“ во Скопје, а дипломирала на Факултетот за музичка уметност при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, отсек етнокореографија. Работела и како професор по традиционлано пеење во МБУЦ „И.Н. Луј“ во Скопје, како и во приватни музички училишта.

Андоновска  во наредниот период планира да сними уште два видеоаписи за песните од новиот албум, меѓу кои се и: „Заспала Јана, Јанинка“, „Там дека има високи чардаци“ и други македонски песни, кои оставиле трага во македонската фолклорна ризница.

М.Т.