Сината боја се поврзува со чувството на смиреност и мир. Самото гледање во вода доведува до некој вид медитативна состојба

Нови експертски истражувања укажуваат дека луѓето што живеат во куќа со поглед на море се многу посмирени. Морската вода содржи минерали, кои помагаат организмот да се избори со инфекциите.
Ако ви треба изговор да одите на море, сега можете да се повикате на најновите совети на научниците, кои утврдиле дека близината на морето добро влијае и на физичкото и на менталното здравје. Само внимавајте да не претерате со сончање, па да оставите долгорочни последици врз здравјето на кожата. Сите благодати на морската вода, песокот и сонцето користете ги во утринските и вечерните часови.
Некои претходно спроведени студии утврдиле дека одморот на море, односно на плажа го зголемува чувството на среќа, добро е за општата здравствена состојба и ги подобрува мозочните функции. Истражувањето на универзитетот „Коби“ во Јапонија покажало дека луѓето што живеат во дом со поглед на море се многу посмирени од другите, а и британската студија утврдила дека луѓето што живеат во близината на море се физички и ментално поздрави.
Покрај тоа, морската вода содржи минерали, вклучувајќи магнезиум, калиум и јод, кои му помагаат на организмот да се избори со инфекции. А вдишување на морскиот воздух помага подобро да спиеме, велат експертите.

Клиничкиот психолог Ричард Шустер вели дека она зен-чувство што го имаме додека сме на плажа е последица на разни нешта, а не само на изложеноста на витаминот Д.
– Сината боја се поврзува со чувството на смиреност и мир. Самото гледање во вода доведува до некој вид медитативна состојба и всушност ја менува фреквенцијата на мозочните бранови.
Препознатливиот звук што го произведуваат брановите помага во активирањето на парасимпатичниот нервен систем, нѐ забавува и помага да се опуштиме – вели Шустер.
Дури и физичкото чувство на песок под нозете е добро за нашето здравје и помага да се чувствуваме слично како на медитација, односно смирено.
– Фокусирајте се на тоа дека телото ви е топло од сончевите зраци, на тоа какво е чувството да имате песок под прстите на нозете, дишете длабоко и мирисајте го морскиот воздух. Барем пет минути посветете му на ова додека сте на летување – советува психологот.