Мона Лиза е повторно сама. Лувр, најспосетениот музеј во светот и дом на ремек-делата на Леонардо да Винчи, не отвори во средата наутро бидејќи вработените се плашат од коронавирусот, објавија светските медиуми.

Персоналот на познатиот музеј во Париз не доаѓа на работа од неделата стравувајќи од инфекција. Неколку стотици луѓе кои чекаа во редица пред Лувр беа пречекани со знак на кој пишува: „Поради исклучителни околности, музејот ќе се отвори подоцна.“

Управата претстави серија нови антивирусни мерки во обид да ги натера вработените да се вратат на работа. Меѓу предлозите се зголемени дистрибуции на гелови за дезинфекција и почести ротации на вработените за да можат почесто да ги мијат рацете.

Минатата година 9,6 милиони луѓе го посетија музејот во кој се изложени делата на Да Винчи, универзалниот гениј од Тоскана, а најголен дел од посетителите беа од странство.