Осум писма на славни личности

Рачно напишаните писма денес се реткост бидејќи комуницираме дигитално, континуирано и главно во кратка форма. Сепак, секогаш многу се радуваме кога во поштенското сандаче ќе пронајдеме нешто што не е сметка, ниту реклама.
Писмата некогаш беа важен облик на комуникација, а тоа го докажуваат и овие осум избрани примероци, кои ги приреди агенцијата „Дојче веле“.

Елвис Присли праќа поздрав од Германија
„Се извинувам што на секое писмо не можам да ви одговорам лично“, напишал Елвис Присли во 1959 година, за време на служењето на воениот рок во Германија, каде што од 1958 до 1960 година престојувал во Фрајдберг, во покраината Хесен. Во тоа време тој добивал огромен број писма од целиот свет, па одлучил на сите нив да одговори со една универзална порака. „Во мислите сум со своите пријатели и обожаватели што ги оставив дома“, напишал кралот на рокенролот.

Фрида Кало го „ампутира“ сопругот
На уметницата Фрида Кало во 1953-та, една година пред да почине, ѝ ја ампутирале ногата. Додека чекала за операцијата му напишала писмо на својот сопруг Диего Ривера. „Кога ми кажаа дека ќе ми ја ампутираат ногата, тоа не ме шокираше во таа мера што другите ја очекуваа. Тоа не се случи бидејќи јас веќе бев осакатена жена кога те губев, повторно и повторно. И наспроти тоа те преживеав“. Кало својот сопруг го обвинувала за повеќекратно изневерување, меѓу другото и со нејзината сестра. Фрида го завршила писмото со зборовите: „Ти пишувам за да те известам дека те ослободувам, те ампутирам“.

Алберт Ајнштајн му оддава почит на Махатма Ганди
Алберт Ајнштајн во 1931 година, полн со воодушевување, му напишал писмо на Махатма Ганди: „Со своето дејствување докажавте дека и со мирни методи многу нешта можат да се постигнат, па дури и кај оние што не се стеснуваат да употребат насилство. Можеме само да се надеваме дека вашиот пример ќе има влијание и надвор од границите на вашата земја и ќе придонесе за тоа наместо со воени судири, одлуките да се донесуваат преку меѓународните институции, а нивното спроведување да го гарантираат сите учесници“. Ганди веднаш му одговорил и го поканил Ајнштајн во својот ашрам. Сепак, овие двајца големи луѓе никогаш не се сретнале.

Ганди го предупредува Адолф Хитлер
Индискиот политичар, кој важел за голем пацифист, на германскиот диктатор во 1939 година му го напишал следново: „Драг пријателу, сосема е јасно дека во моментот сте единствената личност на светот што може да ја спречи војната, која човештвото ќе го фрли во катастрофа. Дали ќе го послушате апелот на некој што го избегна воениот метод со голем успех?“ Но, како што е познато, зборовите на Ганди не наишле на плодна почва. Неколку дена подоцна Вермахтот влегол во Полска, а тоа го означи почетокот на Втората светска војна.

Вирџинија Вулф се простува
Британската писателка Вирџинија Вулф во 1941 година му напишала емотивно писмо на својот сопруг Леонард. „Ти ми ја подари најголемата среќа. Ти ми беше сѐ што некој може да биде. Не верувам дека две човечки суштества можат да бидат среќни како што бевме ние, пред да ме совлада оваа ужасна болест“, напишала Вулф, која страдала од тешка депресија. Таа додала дека се сомнева дека овојпат ќе закрепне. „Ако некој беше во состојба да ме спаси, тогаш тоа беше ти. Сѐ ме напушти, освен вербата во твојата добрина“. Набргу потоа писателката се удавила во река.

Леонардо да Винчи во потрага по работа
„Молба“ за работа, преполна со самодоверба на испраќачот. Леонардо да Винчи во првата половина на 80-тите години на 15 век, како инженер за воена техника, му се нудел на подоцнежниот милански војвода Лудовик Сфорца. „Ако некому некогаш, некоја од горенаведените работи му изгледа невозможна и неостварлива, подготвен сум да му ја демонстрирам во вашиот парк или на некое друго место, како што ќе посака вашата екселенција, на која со сета моја скромност сакам да ѝ се препорачам“. Сфорца му дал работа на младиот Да Винчи, а подоцна од него нарачал да ја нацрта и познатата слика „Тајната вечера“.

Кралицата Елизабета Втора открива рецепт за палачинки
Рецептите напишани со рака даваат најдобри резултати. Уште ако ги пишува кралицата Елизабета Втора лично, тогаш нема промашување. Среќниот што го добил писмото е тогашниот американски претседател Двајт Ајзенауер, кој при посетата на Обединетото Кралство се вљубил во палачинките сервирани во палатата. Неколку месеци подоцна претседателот го добил рецептот. „Иако тука се наведени количества предвидени за 16 лица, ако сакате помало количество, јас ставам само помалку млеко и брашно, а другите состојки не ги менувам“, напишала кралицата.

Гете си ја отвора душата
Твоето присуство влијаеше прекрасно на моето срце, не можам да ти опишам како се чувствувам“, напишал Волфганг Гете во 1776 година, полн со копнеж и длабока наклонетост кон Шарлота фон Стеин. Младиот Гете ѝ напишал повеќе од 1.700 писма на седум години постарата избраничка на своето срце, но наспроти тоа таа му останала верна на својот сопруг. Гете ја ублажувал тагата со повеќегодишен престој во Италија, од каде што се вратил во 1788 година, кога во Вајмар ја запознал својата подоцнежна сопруга Кристијана Фулпиус.