Фото: Стефан Рајл

Во рамките на серијата концерти со кои Ѓорѓе Балашевиќ одбележува 40 години успешна музичка кариера, во саботата овој познат кантавтор имаше незаборавна средба со македонската публика во преполната арена „Борис Трајковски“. Цели три и пол часа, заедно со распеаната публика од целата земја, но и од регионот, како што според Балашевиќ сега се вика неговата држава, тој отпеа многу свои хитови, што напамет ги знаат милиони луѓе.

Го придружуваше неговиот бенд, засилен со тамбурашкиот оркестар „Зоруле“. Имаше вкупно14 врвни музичари на сцената, кои не само што звучеа одлично, туку имаа и улога на аниматори на публиката, во што и самите уживаа.
Инаку, панонскиот морнар на 11 мај наполни 65 години и во неговиот препознатлив стил се пошегува дека никогаш не ни помислувал дека стиховите од популарниот „Петел“ – „ми пристигна 65-та, значи доаѓа длабоката есен“, ќе станат стварност.
Тој на почетокот на концертот ги поздрави присутните.
– Добровечер Скопје, добровечер Македонија. Другите нека ве викаат ФИРОМ, „Илинденска Македонија“ или каква не, но за мене секогаш ќе бидете само Македонија. Можете да се викате и „Јужна Каледонија“, јас тука секогаш ќе доаѓам со полно срце – рече тој.

Прва ја слушнавме „Баранов бал“, посветена на неговиот прв голем хит „У раздељак те љубим“, снимен во далечната 1977 година, продаден во 180.000 примероци. Следуваа „Дугонога“ и песната „Оливера“, посветена на неговата сопруга.
– Тешко дека ќе дојдам да прославиме 50-годишна кариера, но тогаш на сцената ќе има некои нови клинци, од кои голем број гледам и вечерва во салата – рече балканскиот шармер и одекнаа првите акорди на антолгиската „Неки нови клинци“, кога од публиката долетаа и неколку зајчиња и кадифени мечиња, слика што се повторува каде и да настапи.
Тој се присети и на првиот концерт во Скопје, во салата на КК Работнички, па на оние во СРЦ „Кале“, во Универзалната сала…

Очекувано „Васа Ладачки“, една од најомилените на неговата публика, најмногу ги допре оние што биле млади како него пред 40 години, но и оние „безобразно младите“, кои исто така ги имаше во голем број. Како никогаш досега тој комуницираше со публиката, оставајќи понекогаш неговите песни да ги пеат членовите на оркестарот. Неколкупати Балашевиќ ќе згрешеше понекој стих, а тоа беше повод да ја раскаже анегдотата за девојката од Универзална сала, која го поправила кога ја пеел песната „Не волем“, и оттогаш секогаш греши на истото место. Со одличен звук, кој само на моменти не беше баш кристално чист, и светлосни ефекти што му долкуваат на ваков мегаконцерт, музичкиот времеплов на Ѓоле ги опфати и „Мирка“, „Марина“ и „Провинцијалка“. Вистинска магична атмосфера се создаде кога одекнаа звуците на „Рингишпил“, кога сите во салата и запеаја до еден, нишајќи се во познатиот ритам, а Ѓоле насмеан рече:

– Навистина добра екипа сте. Каде и да одам, од Љубљана, Загреб, Белград, Сараево, до Скопје, јас сум со моите. Јас секогаш ги почитувам разликите, но уште повеќе сличностите. Па иако можеби зборуваме на различни јазици, зборот срце секаде звучи исто.
Интересно е дека во ниеден град на концертите од оваа турнеја тој не ги свири истите песни, туку остава токму срцето да го води. „Твој нетко“ Балашевиќ му ја посвети на неговиот долгогодишен соработник, виолинистот Шен Игнат, кој почина минатата година.
– Ме прашуваат како ги пишувам песните. Навистина не знам, тие се попаметни од мене и ќе ме надживеат. Едноставно ветерот ќе ми дошепне понекој стих – ја откри својата тајна Балашевиќ.

Потоа дојде ред и на песните, кои со пораки алудираат на политиката – „Неверник“ и „Не ломите ми багреме“, кога се создаде фантастична атмосфера и блеснаа многу мобилни телефони во салата. Сепак Ѓоле не сакаше да ја отсвири најновата „Дно дна“, коментирајќи дека тој е само странец и „нашето дно си е наша работа“. Пред да ја запее „Чалетова песна“ откри дека татко му Јован и по 5 златни албуми, го советувал дека нема да може да живее од музика, а на својата мајка Вероника ѝ ја посвети баладата „Мајци“, што ја изведе со посебна емоција. Одекнаа и антологиските „Д Мол“ и „Свирајте ми јесен стиже дуњо моја“. Но, да не излезат присутните тажни од концертот, следуваше сет весели песни со тактот на чардаш, а концертот заврши со „Возамо се на таљига“. На бис, ги слушнавме „Протина кчи“, „Боже, боже“ и некаде на полноќ, по три и пол часа емотивен и музички земјотрес, „Одлази циркус“.
– Не давајте им се на барабите драги мои, како и што досега не им се дававте – рече на заминување неповторливиот, оригинален и секогаш различен Балашевиќ.
Аплаузот се слушаше уште десетина минути, бидејќи публиката едноставно не сакаше да си замине од јубилејниот концерт на панонскиот морнар.