Младите талибанци го напуштија запуштениот изглед на своите предци и се завртеа кон трендовски парчиња облека, скапи очила за сонце, дизјанерски тренерки и безбол-капчиња со талибански ознаки. Откако ги видовме како по борбата се опуштаат во забавен парк, возејќи електрични автомобилчиња и вртејќи се на рингишпил, ни ова повеќе не може да нѐ зачуди.
– Во текот на своето владеење од 1996 до 2001 година, талибанците беа познати по скромната традиционална облека, а носеа и долга негувана брада, но денешните борци, кои медиумите ги нарекуваат „талибанци 2.0“, многу повеќе се грижат за својот изглед. Додека се борат против западното влијание и на жените не им дозволуваат ниту да излезат од дома, а камоли трендовско облекување, самите избираат облека што е сѐ освен скромна – пишува „Дејли мејл“.
Фотографиите од Кабул покажуваат дека многумина носат авијатичарски очила за сонце и брендирана облека, а некои дури ја избричиле и брадата. Со задоволство позираат на улиците на Кабул, а социјалните мрежи се шегуваат. Еден корисник напишал оти му се чини дека ангажирале моден стилист, друг се прашува дали тоа се навистина талибанци или модели што побегнале од париската ревија на авангардна мода.
На фотографиите објавени изминатите денови, како што пишува „Дејли мејл“, може да се видат борци што носат традиционална облека „шалвар камез“, но во светли и шарени бои. Некои го избрале талибанското знаме и го обвиткале околу главата наместо турбан. Очигледно, на модата сега ѝ се обрнува големо внимание. Но јасно е дека во нивната инфантилна модна приказна нема никаква причина за шегување и смеа, бидејќи станува збор за припадници на движење што убива луѓе што не се согласуваат со нивните ставови.