Големи машки кошули – фаворит на сезоната
Во кои парчиња облека треба да се инвестира оваа сезона? Секојдневието значително ни се промени периодов, а со тоа и модните фаворити што сакаме да ги носиме оваа пролет. Иако имаме чувство дека пролетната сезона ќе ја прескокнеме, машката кошула е едно од најсестраните парчиња облека, бидејќи може да се носи во разни пригоди, а можеме без проблем да си ја дозволиме. Моделот што е актуелен сезонава е кошула поголема за неколку броја од нашиот. Таа ќе ни даде класичен изглед, но и удобност, поради што ќе ја носиме и дома и надвор.

Кимоно-мантили – замена за пролетните јакни
Наместо лесна пролетна јакна, оваа пролет можеме да избереме свилено кимоно, ефектна трендовска комбинација. Со него ќе изгледаме убаво и лежерно дома и кога ќе излеземе на улица или наскоро на кафе со пријателките. Кимоното може да се носи на разни начини, но една од најчестите е со фармерки и памучна маичка.

Бохо-фустани за жешки летни температури
Фустаните во бохо-стил никогаш не ни излегле од мода, но оваа сезона претставуваат нешто што мора да го имате. Ова типично летно парче облека го имаат сите во плакарот, од манекенки и модни блогерки, до обични девојки. Има модни куќи што секоја сезона во своите колекции имаат нов дизајн на бохо-фустан. Ревиите на брендовите „Етро“„Клое“ и „Миу миу“ не можеме да ги замислиме без креации на долги, шарени памучни фустани, со широки ракави и прекрасен цветен вез.