Четиринаесет ревии продефилираа на осумнаесеттото издание на „Модниот викенд Скопје“, кое понуди нетипични модни перформанси, визии за модата и за нејзината одржливост

Осумнаесеттото издание на „Моден викенд Скопје“ стави акцент на проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“, на создавањето одржлив моден дизајн од текстилен отпад и на наоѓањето најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот, потврдувајќи дека модата има моќ да направи позитивни промени во опкружувањето. Целта на одржливата мода е да им се зголеми вредноста на локалното производство и на производите, да се продолжи животниот циклус на материјалите, да се зголеми вредноста на безвремени облеки, да се намалат количеството отпад и штетата врз животната средина
Во знакот на одржливата мода, викендов модна инсталација и перформанс во хотелот „Скопје Мериот“ имаа капсулните колекции изработени од текстилен отпад на кои работеа: Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој.

Гостинките, кои долго време работат на одржлива мода, на младите дизајнери им предаваа за техниките за бавно производство, одржливи ткаенини, сертифициран органски памук, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.

Свој нетипичен моден перформанс традиционално имаше дизајнерката Ирина Тошева, која ја презентира колекцијата за есен-зима 2018/2019.

– Гепардот својата енергија ја согорува од срцето. Повремено зрачи како страсна супернова. Го чека вистинскиот момент и никогаш не се откажува. Колку сила и енергија им даваш на другите? Веруваш ли во својата истрајност да го заштитиш она што е твое, тогаш кога е најважно – праша Тошева низ новите креации.

Првпат на „Модниот викенд Скопје“ ги видовме моделите на дизајнерката Теодора Митровска од колекцијата „Ние не сме машини“ (We are not machines), со која беше дел од неодамнешното отворање на модната недела во Рига. Колекцијата е инспирирана од текстилни работници и е критика на брзата мода и условите во кои таа се произведува. Преку креациите се преиспитува тенката линија помеѓу човек и машина по која, за жал, многу од овие работници се движат. За оваа цел во колекцијата се среќаваат парчиња од неконвенционални материјали како ПВЦ, индустриска гума и цврста пластика, кои го трансформираат телото во натчовечко.

Пред македонската публика првпат беа презентирани и модните парчиња на Кренаре Ругова, кои се „изработени користејќи бавна мода за да претстават нови форми на размислување однапред“. Силвија Михајловска исто така ја претстави својата нова колекцијата „Фул од Грејс“ инспирирана од Грејс Џоунс, која е позната актерка, моделка и пејачка.

Студентите од академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“ исто така ги прикажаа своите финални колекции работени под менторство на дизајнерите Никола Ефтимов, Никола Булески-Буле и Александра Јовановска. Емануела Трајческа се претстави со колекцијата „Оклоп“, Натали Наумова со „Стил“, Катерина Тошева со колекцијата „Огледало“, Мила Спасовска со „Плима“, Марија Десподовска со „Мувмент“ и Сара Реџиќ со колекцијата „Малиот принц“. Стандардно на модниот викенд настапи и познатиот бренд за италијански накит „Сигма“. Првпат на модниот викенд ги видовме „Матронс дресес“ и колекцијата за есен/зима 2018/2019 составена од 20 креации.
Третата вечер на осумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“ заврши со ревијата на Олгица Ѓоргиева и колекцијата „Бриџес“.

– Мостот е структура, која е изградена преку железнички станици, реки, патиштата за да можат луѓето да поминат од едно место на друго. Симболичното значење од многу аспекти е разработено на еден суптилен начин во најновата колекција. Низ историјата па и денес, мостовите се конекција за многу работи во нашето секојдневие: мост на пријателство, мост на љубовта, на емоции, мост со самиот себеси, мост на соработка… листата е долга – вели Ѓоргиева.

Синоќа заврши осумнаесеттото есенско издание на „Моден викенд Скопје“ со ревиите на „Ерор колектив“, Сара Реџиќ и Александра Јовановска во хотелот „Скопје“.