Модни дизајнери од: Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и од Македонија ќе ги изложат новите колекции за есен-зима 2019/2020 пред домашната и пред странската публика од 29 до 31 март, во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“.

Како дел од интернационалното здружение што го реализира проектот „Обединета мода“ („United Fashion“), организаторите на 19-то издание на „Моден викенд Скопје“, годинава ќе им посакаат добредојде на 29 талентирани и перспективни имиња од европската дизајнерска сцена.

Списокот на брендови, чии креации ќе може да се погледнат и да се купат во изложбениот салон во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“, го сочинуваат: Андра Хандариќ од Романија, Артропода од Македонија, „Чик Утилити“ од Романија, „Концепто“ од Романија, Кристина Рил од Португалија, Диана Армо од Естонија, Драгана Михајловиќ од Србија, Еце Озалп од Турција, Евгенија Зафировска од Словенија, „Фаулхабер продуктс“ од Германија, „Ханфаз“ од Франција, „Кокоро“ од Црна Гора, Ксенија Котев од Македонија, „Лила стајл хаус“ од Бугарија, „Ломер“ од Грција, Марија Калусиќ од Хрватска, Марко Фехер од Босна и Херцеговина, „Матејанеира“ од Хрватска, Мари Лоренс Стевигни од Белгија, „н.д.с од Белгија“, „Ох Сузи“ од Франција, „Уан Вулф“ од Латвија, „Ред Јулет“ од Белгија, Росица Мршиќ од Македонија, Сенем Унал од Турција, Тања Кристиани од Германија, „Д манељуин колекшн“ од Грција, Тос Франкен од Белгија, Веса Груда од Косово.

– Главната цел на проектот „Обединета мода“ во Скопје е промоција на модните дизајнери од Југоисточна Европа (ЈИЕ) пред интернационалните купувачи и пред претставниците на медиумите, како и поврзување на дизајнерите од Европската Унија со македонските фабрики. За таа намена, активностите ќе вклучат претставување на ЈИЕ-пазарот од страна на професионалците во индустријата, презентации од селектирани локални производители, посета на фабрики и состаноци помеѓу дизајнерите учесници и локалните производители – информираат од „Моден викенд Скопје“.

Дел од проектот се и неколку европските здруженија за поддршка на модната индустрија. „Обединета мода“ ја доби и поддршката од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.