Росица Мршиќ ја претставува својата најнова колекција, насловена „Калрскејп“, работена во вонредни изолациски услови, која носи нов свеж бран на бои и форми. Инспирирана е и разработена по принципите на апстрактниот класицизам или хард-еџ сликарството, чии зачетоци се во 1950-тите години во Калифорнија, САД. Дефинирани рабови, апстрактни геометриски форми, индустриски сензибилитет, интерпретација помеѓу рамнина и длабочина, во пулсирачки бои и форми, која е конструирана во слоевит пристап кон композиција, се принципите по кои е работена оваа колекција.

Колекцијата се состои од различни комбинации за прекуден и за навечер, кои може да бидат стилизирани во повеќе насоки: спортски, елегантни и софистицирано секојдневни. Дизајнерката се охрабри да внесе колорит во оваа колекција и да создаде изглед што се носи лесно и удобно. За дополнување на изгледот се изработени марами со комбинирани впечатливи бои со авторски принт на дизајнерката, кои ја заокружуваат идејата на колекцијата.

Брендот е базиран на принципите на одржлива мода или висококвалитетна мода за уживање на одговорен и одржлив начин. Росица Мршиќ е интернационално наградувана дизајнерка, чија работа досега била присутна во многу странски земји и градови: Њујорк, Виена, Цирих, Лозана, Минхен, Софија, Белград, Дубаи, Љубљана, како и во реномираната американска стоковна куќа „Мејсис“.