„Одговорна иднина“ е називот на менторскиот и истражувачки проект што ги обедини концептите на инклузивност, занаетчиство, мода и одржливост

Mладите креативци создадоа оригинални, уметнички и експериментални дела за време на едукативните работилници за мода, традиционално грнчарство, современа керамика, модерна обработка на дрво, продуктен и графички дизајн во рамките на проектот „Одговорна иднина“. Обуките, кои од почетокот на годината се одржуваат во државниот училиштен центар, ги реализира Македонското модно здружение со поддршка од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е.
На младите им припаѓа иднината, а видена низ призмата на учениците со оштетен слух од државниот центар „Партенија Зографски“ во Скопје, таа е убава, колоритна, игрива и позитивна.
„Одговорна иднина“ е називот на менторскиот и истражувачки проект што ги обедини концептите на инклузивност, занаетчиство, мода и одржливост, за да ѝ понуди светла перспектива на оваа група младинци, збогатувајќи им го портфолиото со широк спектар теоретски знаења и практични вештини во полето на креативните индустрии, оспособувајќи ги притоа да побараат вработување и да ги максимизираат своите потенцијали во рамките на посакуваната професија.

– Македонскoто модно здружение има цел на младите да им обезбеди можности за иднина без ограничувања, отворајќи ги хоризонтите и будејќи ги вродените таленти на секој yченик. Предводени од мноштво ментори, професори, поканети врсници, волонтери од заедницата и универзитетски практиканти од разни креативни дејности, младинците изминатите шест месеци колективно истражуваа како да ги вкрстат занаетчиските и модните референци со личните преференции. Црпејќи инспирација од културното наследство од нашето минато, се стремевме да ги развиваме иноваторите на нашата иднина, преку програма за современо учење во соработка со Е4Е – Образование за вработување во Северна Македонија – истакнува Светлана Богова Јовановска, координаторка на проектот „Одговорна иднина“.

Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност на талентираните ученици под менторство на уметницата Анета Попова (современа керамика), мајсторот занаетчија Слободан Столески (традиционално грнчарство), дизајнерката Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески (мода), тандемот Катерина Трпковска и Деспина Здравкова од „Ринока“ (модерна обработка на дрво), Анита Гај од „Лотус ланч чеар“ (продуктен дизајн), Јана Марковска од „Ду:мор“ (графички дизајн).
Се одржаа и интерактивни работилници со престижната школа „Институто Марангони“ од Лондон и непрофитната организација „Опен стајл лаб“ од Њујорк. Капсулната модна колекција е составена од уникатни модни изгледи со древни македонски имиња, кои се инвентивна реинтерпретација на народните носии и етномотивите, пресоздадени со употреба исклучиво на фабрички текстилни остатоци и рачни доработки на детали, користејќи ги старите техники на плетење, кои на младите им ги пренесоа Валентина Кастратовиќ, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева.

Во чекор со светските тенденции за онлајн музејски тури и мултимедијални изложбени салони, направена е и виртуелна изложба за приказ на уметноста, занаетчиските продукти и дизајнираните креации, со поддршка од „Јурп хаус“ и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Како видеограф се потпишува Виктор Стојков, 3Д-анимацијата е дело на Ѓорѓи Десподов, а автор на музиката е Бојан Филиповски. Дел од „поставката“ се и експонати од Музејот на Република Северна Македонија, чии историски артефакти беа појдовен мотив за учениците од „Партенија Зографски“.
– Виртуелната изложба претставува несекојдневно визуелно искуство, кое им пркоси на асумпциите за културата и конвенциите на нејзино прикажување, водејќи ги гледачите низ сосема нови пејзажи на музејските наративи. Изложба што обединува интердисциплинарни дела со заедничка фасцинација на богатството на нашата историја. Секое рачно изработено парче има корени во минатото, а сепак поинаков слој на значење за иднината – заклучува Милан Атанасов, уметнички директор на изложбата „Одговорна иднина“.