Познатата модна дизајнерка претстави над триесет уникатни креации под етикетата на брендот ЕЗ, кои се наменети како за домашниот пазар, така и за љубителите на нејзината естетика во странство. „Мелоу“ е симболичниот назив на новата колекција потпишана од Евгенија Зафировска, чии текстури и волумени навидум еволуираат низ визуелни контексти, без ограничувања и хоризонти.
Во понудата на дизајнерката, која живее и создава на релацијата Скопје – Љубљана, одново доминираат минимализмот и геометриските форми, како нејзин препознатлив стилски печат. Асиметричните креации се еднакво нежни и впечатливи, со мека палета на тонови, во која преовладува белата боја.
– Инспирација ми беше новата (не)реалност, каде што ни се чини како времето да е во мирување. На површината сме решителни и смели, а во длабочината ранливи и кревки. Ова е моја идејна колекција за сегашноста, а наедно е и интимен осврт кон иднината, согледан низ модна призма – истакнува Зафировска.
Филозофијата на брендот ЕЗ е инвестирање во одржлива мода, преку изработката на парчиња облека што немаат сезонски рок на траење, односно може да се носат со години, во секакви пригоди и различни временски доби. Уметнички директор на промотивната кампања е Милан Атанасов. Фотографиите се дело на креативната двојка Ангела Стојковска и Софи Лазовска од „Фроузен тајм дропс“, а во улога на заштитно лице се појавува манекенката Ана Ежова.