Традиционално со нови колекции и ревии ќе се претстават како млади и перспективни имиња така и етаблирани ѕвезди од државата и од регионот

Изложбен салон со ексклузивни парчиња од дваесет и осум претставници на седумнаесет различни земји, гостување со изложба на наградувана платформа за концептуален дизајн, како и ревиски претставувања на колекциите од млади и етаблирани имиња во земјата и од регионот, се само дел од богатата програма што посетителите на најголемиот моден настан во метрополата ќе ја проследат од 29 до 31 март во зградата на Европски универзитет (ЕУРМ).

Со свеченото отворање на изложбениот салон „Јунајтет фешн СЕЕ“ во 18 часот, наредниот петок, и официјално ќе започне 19-то издание на „Моден викенд Скопје“.
– Домашната публика, но и многубројните најавени гости и медиуми од странство, премиерно ќе имаат можност да ги погледнат најновите креации на 28 возбудливи и внимателно одбрани дизајнери и брендови од Европа.

Покрај од земјата-домаќин, своите колекции за сезоната есен-зима 2019/2020, заеднички пред потенцијалните купувачи ќе ги изложат претставници на Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, а потоа истите тие ќе ги презентираат и со спектакуларен моден перформанс во зградата на Европски универзитет – информираат организаторите од „Моден викенд Скопје“.

На задоволство на филмските сладокусци, вљубениците во уметноста и пасионираните следбеници на модата во сите можни форми, уште една новина годинава е гостувањето на „Иван асен 22“, платформата за концептуален дизајн од Софија, која ги обединува модниот дизајн и визуелните уметности на начин што никого не остава рамнодушен.

Традиционално со нови колекции и ревии ќе се претстават како млади и перспективни имиња така и етаблирани ѕвезди од државата и од регионот.

– Први ќе имаат ревија студентите на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, приредувајќи тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лорен и јас“, потоа Јелка Брада од Косово. Маја Кикириткова, која ќе ја промовира својата колекција „Елеазар“, Евгенија Зафировска, Софија Урумовиќ, Марија Кулушиќ, Марко Фехер, Милан Зејак, Сара Реџиќ, како и бендот „Артропод“. Второто студентско шоу е резервирано за последниот ден, овој пат од Технолошко-металуршкиот факултет – додаваат од „Моден викенд Скопје“.