„Моден викенд Скопје“, кој е дел од интернационалното здружение што го реализира проектот „Обединета мода“, објавува отворен повик за сите домашни и регионални дизајнери, кои ќе учествуваат на „Модниот викенд“ што ќе се одржи од 29 март до 1 април 2019 година.

– Со нашите партнери ќе одбереме 36 регионални и дизајнери од Европа (од Белгија, Франција, Португалија, Фландрија, Латвија, Германија и од Велика Британија), кои ќе бидат учесници на изложбениот салон во Скопје, за да го презентираат и запознаат модниот (текстилниот) пазар на Југоисточна Европа. Салонот ќе го посетат и интернационални купувачи и претставници на медиумите. Исто така селектираните учесници ќе имаат шанса да учествуваат на средби за вмрежување и на разни работилници. Активностите ќе вклучат презентација на пазарот на Југоисточна Европа од страна на професионалците од индустријата, презентации од селектирани локални производители, посета на фабрики од страна на селектираните дизајнери и средби меѓу дизајнерите-учесници и локалните производители – информираат од „Моден викенд Скопје“.

Исто така, манифестацијата објавува отворен повик за учество на изложбениот салон, насловен „Обединета мода“ за 2019 година.

– Доколку сте дизајнер од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, Грција, Романија и од Турција и ваша цел е меѓународна презентација и развој на брендот, тогаш пријавете се за учество на изложбениот салон „Обединета мода“ – апелираат организаторите на „Моден викенд“.

Главната цел на проектот е промоција на модните дизајнери од Југоисточна Европа пред интернационалните купувачи и претставници на медиумите како и поврзување на дизајнерите од Европска Унија со македонските фабрики. Проектот се залага за зајакнување на конкурентноста преку мултидржавна соработка меѓу поединците и малите и средни претпријатија во модниот сектор во регионот и за промоција на ЈИЕ како развиена економска област на меѓународната сцена.