Реномирани дизајнери, како и нови иновативни таленти од нашата земја и странство, ќе се претстават во рамките на тридневниот изложбен салон „Свесна мода“, од 1 до 3 октомври, во „Јавна соба“, како дел од „Модниот викенд Скопје“. Поканата е отворена за сите љубители на уникатниот дизајн. Гостите ќе можат да ги погледнат изложeните креации во живо, како и да си одберат единствени парчиња на самото место по поволни цени.
– Со музички перформанс ќе биде означено отворањето на дваесет и второто издание, наредниот четврток, со почеток од 19 часот. „Моден викенд Скопје“ оваа сезона е конципиран како тридневен попап-настан, со продажен шоурум, арт-инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен од 10 до 22 часот в петок (2 октомври) и сабота (3 октомври) – изјави Милан Атанасов, лице за односи со јавност.
Списокот на учесници го сочинуваат низа еминентни и перспективни дизајнери и брендови од земјава и од странство, како: Ирина Тошева, Евгенија Зафировска, „Терезија“, Стефанија Насеска, „Пара Тодос“, „Минимал Мк“, Ксенија Котев и многу други.

– Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови што вреди да ги види широката публика. Главна цел, како организациски тим, ни е да им дадеме максимална поддршка на креативните дејци во моментот, фокусирајќи се на врвните имиња, но и на новите таленти што следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата. Тие се модните херои на денешницата, бидејќи позитивно влијаат на свеста на заедницата – истакнува Атанасов.
„Моден викенд Скопје“ ја продолжува плодната соработка со школата за уметност и дизајн „Џолев енд д артс“, чии студенти низ изложба на своите изработки ќе докажат дека на македонската мода и дизајн им се насмевнува светла иднина. Кон мисијата да се промовира најдоброто од одржливиот дизајн во Скопје, како коорганизатор за реализација на проектот „Свесна мода“ се придружи берлинската консалтинг-агенција „Онлиафју“. Агенцијата е предводена од тандемот Дороти Сара Спехар и Кристина Илиевска, кои по пробивот на скандинавската сцена во Копенхаген, како нареден предизвик за проширување на нивната заедница ја препознаа нашата метропола.

– Ни претставува задоволство што сме активно вклучени во сите аспекти, од планирањето до имплементацијата на идеи за годинешното издание. Нашата агенција нуди консултантски услуги скроени по мера за брендовите, односно им овозможува да ја дефинираат нивната ДНК, заснована на одржливост, креативност и иновативност. Ја промовираме визијата за мали колекции базирани на вештини, разумни пласмани за продажба, фер услови помеѓу брендовите и трговците, како и радикална транспарентност – нагласува Кристина Илиевска, креативна директорка во „Онлиафју“.