Избраните учесници на отворениот повик за проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“, почнаа серија работилници за одржлив дизајн од нула отпад и посета на штипските фабрики под менторство на дизајнерката Ирина Тошева. Станува збор за соработка меѓу студентите, новите талентирани дизајнери, текстилната индустрија во Македонија и поканети модни практичари од Велика Британија за да најдат најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот. Сите кандидати имаат задача да создадат одржлив моден дизајн од текстилен отпад, а нивниот производ треба да создаде нова врска со модата за позитивни промени на планетата и еколошката свест во нашата земја.

– Во втората фаза учесниците ќе ги менторираат и гости од Велика Британија бидејќи одржливата мода е можна и усовршена од многу британски модни етикети. Целта се сертифициран органски памук, бавно производство, одржливи ткаенини, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство. Иницијативата почна во септември годинава. Завршницата ќе се случи во ноември во рамките на „Моден викенд Скопје“. Цели на проектот се развој на професионални вештини, поддршка на млади креативци, нивно советување и едуцирање за поуспешна идна кариера, поттикнување соработка меѓу модната и текстилната индустрија, регионална и интернационална промоција на земјата, решенија за општествените проблеми и нашиот заеднички придонес за животната средина – информираат од „Моден викенд Скопје“