Изложбата на еколошка мода и дизајн „Слоускејпс 4“, која се одржува во културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“, ѝ дава приказ во работата на современите македонски дизајнери, истакнувајќи ги нивните практики што придонесуваат за заштита на нашата средина и за подобра иднина. Спротивставувајќи им се на брзата мода и прекумерната потрошувачка, изложбата има цел да ја едуцира и поддржи публиката да започне да консумира свесно и одговорно. На изложбата учествуваат: „Лудус“, Марта Пејоска, „Волатајл“, „Армма“, Ксенија Котев, Нина Нине и „Кактус“
– За време на пандемијата, брендот го искористи времето минато во карантин за продлабочување на еколошкото и одржливо производство и воведе нови практики во работата, кои бараат посветеност и подолг процес за развој. Па, така, колекцијата содржи рачно обоени парчиња облека на природен начин, од памук, волна и волница – велат од „Лудус“.

„Петте величествени“ на Нина Нинеска е jубилеен проект, преточен во колекција накит од неоксидирачки челик. Материјалот има дополнителна трајна вредност со тоа што не ја менува својата боја и не потемнува. Исто така, има одлична способност да ги рефлектира светлината и околината. Ксенија Котев вдахнува живот во филигранската уметност, создавајќи нови форми и истражувајќи нов универзум. „Волатајл“ е заеднички проект на Стефан Китановиќ и Ивана Секулоска, во кој речиси сите материјали што се искористени за капсулната колекцијата се природни, како свила, волна, памук, набавени од локални извори, а при процесот на изработка и конструкција на парчињата е посветено внимание отпадот да биде минимален.
Новите парчиња накит од колекцијата „Вода 2“, пак, се дел од континуираното повеќегодишното истражување на тема Охридско Езеро. Парчињата накит се изработени во сребро, со додаток на природни камчиња, собрани од брегот на Охридско Езеро.