Многу редок „виолетово-розов дијамант“ од 14,83 карати ќе биде на продажба на 12 ноември во Женева, Швајцарија, соопшти аукциската куќа „Сотбис“, која проценува дека дијамантот може да достигне цена до 38 милиони американски долари, и е досега најголемиот од ваков вид понуден на аукција, пренесува Си-ен-ен.

Овој скапоцен дијамант што го носи името на рускиот балет „Духот на розата“, бил откриен од рударската компанија „Алроса“ во 2017 година, во рудник во североисточна Русија. Тогаш бил со тежина од 27,85 карати.

Била потребно една година за да се исече и полира скапоцениот камен во овална форма. Дијамантот ќе биде изложен во Хонгконг, Сингапур и во Тајпеј пред да пристигне во Женева за аукцијата на 12 ноември.

– Појавата на розови дијаманти во природата е исклучително ретка во која било големина. Само еден отсто од сите розови дијаманти се поголеми од 10 карати и само четири отсто од сите розови дијаманти прикажуваат богата, живописна боја – се вели во изјавата за медиумите на Гери Шулер, претседателот на одделот за накит во „Сотбис“.