Десетина млади жени научници во Киргистан од март работат на изработката на првиот сателит именуван „КјубСат“, што би требало да биде лансиран во вселената до 2020 година.

– Многу сум горда што ова ќе биде првиот киргистански сателит. Го работам тоа затоа што сакам да ја зајакнам позицијата на жените во науката – вели 23 годишната студентка Кизибек Батјрканова.

Според неа, родот не треба да одредува што ќе работите во животот.

Науката е редок животен пат на било кој Киргиз, посебно на жените, откако две третини од населението на оваа планинска централно-азиска земја живее во рурални подрачја, а економијата се потпира врз земјоделието.

Жените во Киргистан чинат само 10 отсто од студентите во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката.

– Некои девојки немаат храброст да се впуштат на такви студии бидејќи во нашата земја тоа е необично, дури повеќето родители ги обесхрабруваат ќерките да се занимаваат со тоа – вели 19 годишната Алина Анисимова, која е проект лидер.

Таа е една од младите жени на возраст меѓу 17 и 24 години, кои тргнале во овој амбициозен проект што го покрена локалната медиумска групација Клоп Медија, по случајната средба со научникот на НАСА Александер МекДоналд, кој и ја предложи идејата.

Конструкцијата и лансирањето на првиот киргистански сателит би требало да чини до 150.000 долари, а во последната фаза ќе се вклучи и една литванска компанија.

– Изградбата на сателитот испраќа моќна општествена и политичка порака, порака за тоа кој се може да учествува во изградбата на иднината – вели МекДоналд во разговор за Ројтерс.

Аидана Аидарбекова(19), исто така учесник во проектот, вели дека во нејзината земја од жените се очекува да се омажат и да раѓаат деца.

– Многумина во Киргистан не веруваат дека девојките се способни да работата било што, а не само да чистат и да раѓаат – додава Аидарбекова.

Таа се надева дека овој вселенски проект ќе ги мотивира девојките во Киргистан, но и пошироко.

– Градиме сателит бидејќи сакаме да докажеме дека девојките тоа го можат…Сакаме да бидеме надеж, не само во Киргистан. Можеби нашиот проект ќе им даде надеж на девојките ширум светот – порачува Аидарбекова.