Младите бели ајкули, кои се одговорни за повеќето напади врз луѓето, не прават разлика меѓу луѓето и фоките, покажа новото истражување.
За да ја тестираат теоријата за „погрешна идентификација“ поврзана со нападите од ајкула, истражувачите во Австралија од перспектива на млада ајкула споредиле снимка од вообичаен плен и луѓе додека пливаат или користат штици за сурфање.
Истражувачите дизајнирале виртуелен визуелен систем врз основа на она што е познато за видот на младите бели ајкули и преку тој филтер набљудувале слики од плен и пливачи. Тие откриле дека младите ајкули не можат да ги разликуваат движењата или облиците на пленот и луѓето, што докажува дека луѓето и фоките изгледаат „опасно слично“ од перспектива на ајкулата. Исто така, откриено е дека за младите ајкули, пливачите и сурферите на штици изгледаат како фоки со нивните перки.
Ајкулите имаат пониска просторна резолуција од луѓето, што значи дека не гледаат толку многу детали, а исто така се и далтонисти. Научниците претпоставуваат дека ајкулите стануваат поискусни ловци и повеќе се потпираат на други сетилни знаци додека созреваат.

Постарите ајкули се поискусни и понапредни, така што не прават многу грешки. Како што расте животното, неговите очи стануваат сѐ поголеми, што значи дека се зголемува и неговата просторна острина, поради што може да разликува повеќе детали – вели авторката на студијата Лаура Рајан.
Таа нагласи дека биле анализирани „неиспровоцирани напади“, како што се нападите на пливачи од сурфери, додека испровоцираните напади претставуваат одбранбено однесување или агресија како резултат на вознемирување, како што се ситуации во кои нуркач допира ајкули или кога некој лови со копје. Белите ајкули, биковите ајкули и тигрестите ајкули се одговорни за најголем број повреди и фатални напади врз луѓето.
Една од целите на истражувањето е да се промени „јавната перцепција“ кон ајкулите. Нападите од ајкули се ретки, но може да имаат катастрофални последици за жртвите и спасувачите, а и да им нанесат штета на локалните бизниси и туризмот. Тие имаат негативно влијание и врз популацијата на ајкулите, бидејќи често се преземаат мерки за намалување на нивниот број.