„МКЦ за Скопје“ е насловен мултимедијалниот настан што в недела, 26 јули, ќе го организира Младинскиот културен центар во спомен на 57-годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес.
– Овој настан што ќе се одржи во паркот на МКЦ, според соодветен протокол и почитување на мерките за заштита, ќе нѐ потсети на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето – велат од Младинскиот културен центар.
„МКЦ за Скопје“ на 26 јули ќе почне во 19.30 часот со изложбата „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“. Изложбата ги претставува култните градби во градот Скопје, дополнета е и со видеопроекција. Автори на фотографиите се Горан Јакимовски, Горан Георгиевски, Владимир Арсовски. Селектор е архитектот Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото за изложбата е на Митко Арнаудов.

Од 20 часот ќе биде промовирана книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина микрораскази/кратки записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје.
Мултимедијалниот настан во сеќавање на земјотресот од 1963-та ќе продолжи во 21 часот со учество на „Импров група“ и нивната претстава „Импров настап“ – заснована на игри за импровизација, адаптирани да се играат пред публика,
Како што најавува МКЦ, „Импров настап“ е комична, непосредна, но комплексно структурирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив. Во неа играат: Мартин Манев, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски и Наталија Теодосиева, а водител на настапот е Андреј Цветановски.

Од 22 часот во рамките на „МКЦ за Скопје“ се музичката програма и концертот на бендот „Перија“ – во кој членуваат Филис, Кате и Леа, кои изведуваат музика на уд, перкусии, тамбура и кемане. По нив ќе настапи „21 век“ – бенд на Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев, кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, и бендот „Ен2три“, кој за оваа пригода ќе настапи со перформансот „5:17“.

Бројот на посетителите ќе биде ограничен, влезот е бесплатен, но со билети што може да се набават преку мрежата: bileti.mkc.mk.